По малку заканувачки тонови, но и одговор на тоа од вчера се случуваат меѓу лидерот на владеачката ДУИ Али Ахмети и претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Првиот човек на „интегративците“ Ахмети на вчерашниот митинг во Скопје му порача на Мицкоски „да внимава што зборува“.
-Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку зборови на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со кекси. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорен од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља (проблем). Не започнувај беља и мери ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади, порача Ахмети.
Ахмети уште рече дека Европскиот фронт можеби некому му е малку досаден затоа што овие млади луѓе викаат УЧК, но УЧК е она што ја направи Македонија, а ги направи и најмалите заедници со идентитет.
На овие зборови денеска одговори Христијан Мицкоски. Тој на Фејсбук напиша дека на вчерашните партиски собир во Аеродром и Гази Баба ја повикал албанската опозиција на обединување против оваа власт.
-Уште истиот ден се јави Али Ахмети, нервозно одговарајќи, прозивајќи ме со навреди и доза на закани, но треба да знае дека неговите закани не само што не ме заплашуваат, туку и добро ме засмејуваат. Заканите доаѓаат од човек пред политичка пензија, помалку и заборавен, но сепак со добро грло, кое го вежба пеејќи по државни институции, и партиски прослави. Важен му бил на Али мојот оброк од детството, хммм…, чудно па се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк Али во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат „Соравија“, или пак како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија, потенцира Мицкоски.
Тој додаде дека ја разбира нервозата и паниката бидејќи за прв пат ДУИ е пред пораз.
-Доаѓа времето за одговори на многу прашања. Ова не е 2001-ва, туку 2024та, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација од која страдаат и Албанците и Македонците. Многу брзо од денес и кексито и млекото ќе ти преседнат…, нагласи Мицкоски.