Академик Коцарев: 4 сценарија за иднината на Македонија

Каде одиш Македонијо? Која е твојата иднина? Ова се запрашува во последната своја колумна претседателот на МАНУ. Академикот Љупчо Коцарев во текстот објавен во „Нова Македонија“ потенцира дека загриженоста за иднината на Македонија е иманентна во секој дом и во секоја институција на државата, особено поради фактот што секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и насилно донесени документи, а такви се и Преспанската спогодба и промената на Уставот од 2019 година, е осудена на пропаст, а нејзината иднина е, всушност, неизвесна.

Па оттука, тој вели дека се наметнува прашањето за иднината на Македонија и ги наведува според негово мислење, можните четири сценарија:

Прво сценарио. Македонија ги започнува набрзо пристапните преговори во ЕУ и, евентуално, во наредните дваесетина години станува полноправна членка на ЕУ. Притоа, Македонците веќе целосно се исчезнати и не постојат, што е извесно дека ќе се случи во две етапи. Прво, поради отпочнување на пристапните преговори, Македонија ќе ги прифати небулозните и ненаучни барања на Бугарија, според кои, Македонците до 1944 година биле Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Второ, поради упорните настојување на Грција да не се користат воопшто именката Македонија и сите нејзини деривати, од една страна, а земајќи го предвид нашето присилно прифаќање на небулозните и ненаучни тврдења дека Македонците и македонскиот јазик се комунистички творби, од друга страна, постепено македонскиот идентитет, Македонија и Македонците ќе исчезнат, како никогаш да не постоеле.

Второ сценарио. Македонија одлучно ги одбива бугарските уцени, меѓутоа, претпоставувајќи дека Албанија прва ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ, ова сценарио, секако, ќе предизвика фрустрација кај овдешните етнички Албанци, кои ќе посакаат земјава да го следи овој пат. Иако Македонија се декларира како мултиетничка, а не двоетничка држава, притисокот на етничките Албанци ќе биде таков, што, евентуално, ќе доведе до реализација на првото сценарио.

Трето сценарио. Да се потсетиме дека Црна Гора ги започна пристапните преговори во 2012 година и досега, десет години подоцна, има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени, додека Бугарија ги започна преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша пет години подоцна, во април 2005 година. Имајќи ги предвид наведените факти, многу е веројатно дека Македонија во наредните педесетина (или повеќе) години нема да стане рамноправна членка на ЕУ. Зошто? Од многу едноставна причина: некои членки на ЕУ, некои наши соседи, но и дел од политичките елити во Македонија, всушност, не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ-семејството, што досега многупати го докажаа. Третото сценарио подразбира Македонија да се претвори во дувло на криминал, дно на дното, држава во која царува распуштено, разуздано и бесно однесување, со еден збор вистински башибозук.

Според мене, Македонија, денес, за жал, се наоѓа на еден чекор до таква состојба.

Четврто сценарио. Денес, во рамките на територијата што се нарекува Европа постојат 50 суверени држави, од нив 27 се членки на ЕУ, или 54 проценти, при што земјите-членки на ЕУ опфаќаат 42 процента од вкупната површина на Европа, а во нив живеат 60 проценти од вкупното население на Европа. Така, 23 суверени држави, меѓу кои и Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија, не се членки на ЕУ. Последното сценарио подразбира да заборавиме на ЕУ и да започнеме со вистински реформи за просперитетна Македонија.

По продолжение на својот тект претседателот на МАНУ се осврнува и на две теми поврзани со владеењето во Македонија, резимирајќи дека постојат решенија за излез од повеќедецениската криза во која се наоѓаме…

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.

Претходна вестЗа нашата понизност и додворување кон посилниот…
Следна вестНови 72 случаи на корона вирус од 772 тестирани лица