Академик Коцарев: Ако кажеме НЕ на уставните измени Македонија ќе има повеќе шанси да биде членка во ЕУ

 За претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, „Македонија денес е поробена земја: протекторат, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд“. Тој вели дека кој и да било термин од наброениве да се избере нема да погреши.

Академикот во денешното интервју за порталот „Експрес“ се осврнува и на ситуацијата околу договорите за градба на патиштата од странски конзорциум, како и за најавените законски измени околу тоа:

-Деновиве целосно се суспендираат уставниот поредок и правниот систем на Македонија, а целата наша држава и сите нејзини природни и културни богатства им се ставаат на располагање на една приватна компанија, при што дивеењето на власта кулминира со предвидување казнени одредби за Македонија, ако не се остварат бескрупулозните намери на компанијата, вели Коцарев.

Првиот човек на МАНУ укажува дека „Македонија треба да чекори по европскиот пат – тоа е патот, што нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата. Но, по тој пат Македонците треба да чекорат единствено како горди и достоинствени Македонци“.

-За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам пратениците во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени – тоа ќе биде мал чекор за нив, но огромен за Македонија. Ако сега кажеме не, колку и да се чини на прв поглед парадоксално и противречно, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ и да опстои, и да не се распадне. Во спротивно, ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нови, нереални и бесмислени барања, што ќе предизвика соочување со уште поголеми искушенија, потенцира академикот.

Коцарев нагласува дека веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и отсуство на желба за проширување…

-Притоа, тука би сакал посебно да го истакнам бавното темпо на ЕУ-интегративните процеси во однос на шесте земји на Балканот што сѐ уште не се дел од ЕУ. Црна Гора почна со пристапните преговори во 2012 година и досега има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени, додека Бугарија почна со преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша на 25 април 2005 година, објаснува Коцарев во поопширното интервју за порталот „Експрес“.

Инаку, според него „многу е веројатно дека Македонија во наредните педесетина, или повеќе години нема да стане рамноправна членка на ЕУ, иако ќе ги исполни наметнатите бесмислени барања, кои го загрозуваат државниот суверенитет. Зошто? Некои членки на ЕУ, некои наши соседи, но и дел од политичката елита во Македонија, всушност, не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ-семејството, што досега многупати се докажа“.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.

 

Претходна вестСе урна катна гаража во Њујорк, еден загинат и неколку повредени лица
Следна вестНоваковски на чело на работната група за изборните реформи