Академик Коцарев: Се залагам за Македонија во ЕУ, но без сервилноста што ја покажува Владата

Претседателот на МАНУ, еминентниот научник Љупчо Коцарев, често укажува во каква состојба е Македонија и што треба да се направи. Денеска академикот истакна дека на државата и е потребен фундаментален документ, којшто ќе биде изработен под водство на МАНУ, заедно со универзитетите и стопанските комори.

-Тоа треба да се направи без учество на извршната власт, посочи претседателот на МАНУ, Коцарев, во своето обраќање по повод 56 години од постоење на македонската академијата.

Коцарев рече дека првиот предизвик што го има државата се однесува на сфаќањето на дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани дека нам ни треба некој однадвор за да се воспостави ред и владеење на правото, за да се имплементираат демократските принципи внатре во државата.

-Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е грешен и срамен, па затоа треба веднаш да се напушти, истакна академикот.

Во однос на економијата тој рече дека светската, европската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, висока задолженост на приватниот и на јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза.

-Во вакви бурни економски времиња, патот што го одбра Македонија, пат без континуитет, пат по кој секоја Влада одново се враќа на почетната позиција, е погрешен и непродуктивен и води кон пропаст, рече Коцарев.

Инаку, Коцарев во своето обраќање посочи дека МАНУ има потреба од отворање на расправа за формирање на Одделение за хуманистички науки за што е потребна општа расправа во Собранието на МАНУ. Според академикот, време е МАНУ да се приспособи на современите научни текови кога станува збор за класификација на науките.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Власта на ДУИ и СДС го зголеми ДДВ-то и го одра народот до гола кожа
Следна вестАрнолд Шварценегер: Одгледуваме генерации на слабаци, младите мора да се борат и да проаѓаат низ болка