Акција за контрола на увозници на овошје и зеленчук спроведува од изутрина низ цела држава Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во координација со Управата за финансисика полиција и Управата за јавни приходи. Се контролираат производите по одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.
-Со акцијата се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, влезено е и на Кванташки пазар, а се вршат надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови, потврди за МИА директорот на ДПИ Горан Трајковски.
Трајковски најави дека акцијата ќе трае во текот на денов, но оти сумирани информации за исходот ќе бидат објавени в понеделник од кога, како што посочува, ќе продолжат да се вршат постојано контроли исто како и во изминатиот период.
Министерот за економија Крешник Бектеши, вчера најави дека на седница на Владата во вторник ќе бидат ревидирани дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленукот порачувајќи дека ќе продолжат контролите за тоа како е направен увозот во нашата држава за сите увозници на овошје и зеленчук за последните месеци.
-Царинската управа, УЈП, ДПИ, Управата за финансиска полиција во континуитет ќе вршат контроли со цел да не се направи штета на Буџетот, а со тоа да се направи штета на потрошувачите во нашата држава, рече Бектеши и најави дека ќе следат санкции за сите увозници кои направиле увоз, а при тоа до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.
Затајување данок над 10 илјади евра, укажа министерот, е кривично дело и очекувам од Царинската управа до крај да постапи согласно нивните надлежности.