Акцијата за садење дрвја во Скопје ќе продолжи или пак ќе се замени со садење згради?

Скопската почва од вчера е побогата со нови садници од разни дрвја. Така е оти има воспоставена традиција – при доаѓањето на пролетта да се засадат идни “бели дробови на Скопје“. Па така, скопската градоначалничка, но и општинските татковци се мобилизираа и во соработка со училиштата и градските претпријатија се фатија за лопатите.

Низ парковите во Кисела Вода беа засадени повеќе од 1.000 садници, на две локации во Ѓорче Петров 150 дрвја, во парк шумата Гази Баба повеќе од 100 садници на чемпреси, а садење имаше и на подрачјето на скопската општина Центар….

Убаво. Но, со оглед на бројот на засадените дрвца сето тоа има симболичен карактер. Ќе има ли уште акции?

Македонската метропола се уште не доживува радикален пресврт кога е во прашање зеленилото и садниците на дрвјата. Со години се стои на исти сознанија според кои на секој жител на градот, во просек, има по околу десетина квадратни метри зеленило, а европски просек е 25 метри. Истовремено, градот Скопје спаѓа во групата на градови од Балканските држави во кои има минимум зеленило и тоа нешто помалку од 10 проценти. Значи, состојбата бара значително подобрување.

Од избори до избори кандидатите за скопските и општинските градоначалници ветуваат подигање на големи површини на зеленило, ветуваат дека ќе ја запрат бетонизацијата, но тоа тешко да се остварува. Ете, и скопската градоначалничка Данела Арсовска во својата изборна кампања ветуваше дека секоја година на подрачјето на градот ќе се садат по 100.000 нови дрвја.

-Градот Скопје ќе обезбеди 100.000 квалитетни садници од автохтони видови дрвја годишно, наменети за пошумување на однапред утврдени реони во пошироката околина на градот. Ќе предводиме и организираме пролетни и есенски акции за пошумување со вработени од градската администрација и сите градски претпријатија, училишта во градот, партнерските граѓански организациии, општествено одговорни компании и сите заинтересирани граѓани, Скопје повторно да дише, стои во изборната програма на Арсовска.

Слободни површи за садење има колку сакаш низ Скопје. Што се чека? Доста е од  „садење згради“ кое ударнички се прави.

Претходна вестЦУК: Шест пожари на отворено во последното деноноќие, 1.953 повици на 112
Следна вестУбиен доктор во Железара, бил пронајден во сопственото возило со убодни рани