Ако еден Луна парк не можат да направат, тогаш за нов Клинички центар…

Кој е виновен што Луна паркот не се изгради и не профункционира откако престана да се прави по губење на изборите на поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, а не се продолжи за време на актуелниот Петре Шилегов? Ова прашање пак се наметнува откако вчера во едно интервју Трајановски кажа дека седум реквизити за Луна паркот биле набавени уште од неговиот мандат, но се „чуваат по магацини или стојат кај добавувачите“. Другиот дел од се очекувало да стигнат во секој момент, вели Трајановски – зборувајќи за 2017 година.

-Ако го продолжеше ова, во тој случај жителите на Град Скопје, во 2018-та година, во летото, веќе ќе можеа да ги користат благодетите од овие реквизити, посочи Трајановски.

Ваквата изјава на Трајановски е помалку збунувачка за скопјани, се прашуваат зошто поранешниот прв човек на Скопје дури сега го кажува ова. Мандатот на Шилегов завршува за неколку месеци оти локалните избори се во октомври. Тој до сега даде неколку јавни најави за старт на градењето на Луна паркот ама на терен сликата е како што Трајановски ја остави.

До овој момент на жителите на главниот град не знаат дали Луна паркот ќе се гради според најавениот проект кој веќе е презентиран и подготвен под името „Светот“. Имено, во мај 2019 година италијанска архитектонска фирма го презентираше проектот што требаше да биде завршен до средината на 2020 година. Откако тоа не се случи, градските власти одново испланираа средства во тековната година за градење, бидејќи образложението беше оти претходната, 2020-та, парите биле пренаменети за изградба на патишта. Скопјани се скептични дека воопшто ќе почне да се гради Луна парк. Сепак со буџетот за 2021 се планирани 1,45 милиони евра кои треба да се потрошат за таа намена.

На крајот, граѓаните со право иронично констатираат: ако еден Луна парк до сега не може да се направи, тогаш градење Клинички Центар е научна фантастика…

Претходна вестOд ноќеска мало поевтинување на дизелот, бензинот по стара цена
Следна вестПретпладне дожд, попладне слаб снег