Ако матична држава на сограѓаните Албанци е Македонија, како фудбалската репрезентација на Албанија е нивен национален тим, прашува Славески

Ако матична држава на нашите сограѓани етнички Албанци е Македонија, а не Албанија, според која логика фудбалската репрезентација на Албанија може да биде национален тим? Вака во објава на Икс реагира претседателот на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, откако дел од лидерите на коалицијата „Вреди“, коментирајќи го мечот меѓу Албанија и Италија на Европското првенство од пред два дена, го ословија тимот на Албанија со „нашата репрезентација“.

-„Национален тим? Зошто кога консензуално се договоривме и прифативме дека нашите сограѓани етнички Албанци не се малцинство во Република Македонија, некои нивни лидери самите ги промовираат во малцинство?! Разбирливо е за едно малцинство да се поистоветува со институции во матичната држава. Но, ако матична држава на нашите сограѓани етнички Албанци е Македонија, а не Албанија, според која логика фудбалската репрезентација на Албанија може да биде нивен национален тим, пишува Славески во објавата на Икс.

Во нивните коментари на социјални мрежи дел од лидерите на коалицијата „Вреди“ – Билал Касами, Арбен Таравари и Изет Меџити националната фудбалска селекција на Албанија ја ословуваат со „нашата репрезентација“, а се однесуваат наа мечот меѓу Албанија и Италија на Европското првенство во фудбал, кој Италијанците го добија со 2-1

-Албанија го стартува со чудо Европското првенство 2024! Во 23. секунда Недим од Полог го започна мечот со гол за нас, пишува Арбен Таравари во објава на социјалните мрежи.

-Пишуваме историја со момчето од Тетово. Мрежата на Италијанците се затресе за само 23 секунди! Секогаш со нашата репрезентација, напиша лидерот на Беса, Билал Касами, во објава на Фејсбук.

-Во победа и пораз, продолжуваме со нашата репрезентација!, коментира претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, на социјалните мрежи.

Стрелецот за Албанија, Недим Бајрами, кој игра во италијанската Серија Б, е роден во Швајцарија, а по потекло е од Тетовско.

 

Претходна вестИџе ја запиша првата победа со своето Ферари
Следна вестБислимовски: Ме загрижува тоа што 15 отсто од струјата ЕВН Хоме ќе ја купува на слободниот пазар