Градењето на местото на ТЦЦ Плаза, спроти слаткарницата Малага во Центар продолжува. И покрај мораториумот што во општина Центар е уште на сила. Градоначалникот Богдановиќ ова го констатирал па како што рече веќе поднесената кривична пријава против сопственикот само ќе биде надополнета со новите прекршувања.
-Општина Центар, денешното незаконско делување од страна на сторителите, ќе го надополни во претходната кривична пријава и ќе ги преземе сите мерки до надлежните институции, поради недозволени градежни активности кои се одвиваат на територијата на Центар, на поранешниот објект на Хотел Плаза, напиша Богдановиќ на фејсбук.
Граѓаните се очекувано лути:
-Зарем е можно да се дозволува вакво нешто: да градиш и покрај мораториум, правилата за тебе да не важат и на крај да немаш ни дозвола за градба?!
-Ако може во Центар може и на Водно, кога никој не го чува Центар зарем некој ќе го почитува Водно?!- пишуваат скопјани на социјалните мрежи и поштата на Скопско ехо.
Инаку, во јули годинава, инспектори заедно со полиција интервенираа на градилиштето на ТЦЦ „Плаза“ поранешно „Беко“ во центарот на Скопје, за да ја стопираат градбата на објектот.