Македонската влада не уверува дека многу се труди околу образовниот процес во земјава. Така е уште од претходната влада на СДСМ. И сега кога се очекуваа првите повидливи резултати од тоа запнување министерката Мила Царовска најави дека ќе правеле нов модел на образование.
-Врз основа на меѓународни искуства ќе создадеме наш македонски модел на образование, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска. Таа одржаа и онлајн состанок со претставници од естонското и грузиското Министерство за образование, претставници од регионалните канцеларии на УНИЦЕФ и со претставничката на УНИЦЕФ во Македонија.
Како што ревносно информираат од министерството, на состанокoт биле споделени искуствата на Грузија и Естонија за реформските процеси во основното образование и моделот на користење на наставните материјали.
Министерката истакна дека врз основа на меѓународните искуства ќе искреираме наш нов македонски образовен систем на основно образование којшто ќе дава резултати и на домашните тестирања и на меѓународните тестирања. Но клучно, ќе ги научи децата критички да размислуваат и да донесуваа одлуки. Образовниот систем ќе се подобрува врз основа на факти и аргументи што ќе се добијат од Националното тестирање во 2021 година, резултатите од матурата, оценките на крајот од годината, и забелешките на учениците, родителите и наставниците.
Царовска рече дека работната група којашто ја прави новата концепција за основно образование испратила прашалник со истражување до сите наставници за да се утврдат нивните ставови и што е тоа што недостига на образованието. Истиот прашалник ќе се достави и до родителите и до учениците.
Инаку, прашалници во главата имавме и до сега кога е во прашање образованието и неговата иднина. Нам во Македонија ни требаат одговори.