Во Европа, земјоделците протестираат со недели поради ценовната криза, незадоволни од земјоделските закони на ЕУ, а по протестите кои се одржаа пред зградата на Европскиот парламент во Брисел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен започна стратешки дијалог за иднината на земјоделството. Гневот на фармерите во последните недели доведе до блокади на патиштата и паради со трактори, со протести одржани во Франција, Германија, Литванија, Полска и Романија, а претходно и во Холандија.
Сега пристига најава за масовни протести и во Македонија, и тоа од страна на Националната мрежа на земјоделци, бидејќи, како што велат, не им биле исплатени субвенциите за минатогодишната реколта за житните култури.
Од Националната мрежа на земјоделци се заканија со масовни протести доколку до крајот на месецот не им бидат исплатени субвенциите за минатогодишната реколта за житните култури. Само за посеани 4000 ха под ориз лани, треба на сметка да им легнат околу 70 милиони денари. На прагот се на сеидба на пролетниот јачмен, а веќе ќе стартуваат и подотовките за претстојната сезона на ориз.
– Да се исплатат субвенциите до крајот на февруари, да се пуште нафта до крајот на февруари бидејќи од март почнуваат припремите за сеидба на оризот. Ако не се исполнат овие барања и ако ништо не се преземе ние од 1 Март ќе стапиме во генерален штрајк на ниво на цела држава, изјави Здравко Арсов, од Национална мрежа на земјоделци за Сител.
Се жалат и на ниската откупна цена на оризот и пченицата, која не ги покрива ниту производните трошоци, па многумина ќе ги остават нивите непосеани и ќе се откажат од производство на храна.
– Ние со оваа цена од 35 денари, кога производната цена е 34 денари, никој нема да се занимава со земјоделие. Ако продолжи овој тренд, со оваа неодговорност на Владата и Министерството, мислам дека ќе останат многу површини, а и она што е посеано со пченица, колку роди толку, зашто немаат со што да купат ѓубре.
Арсов додаде дека без субвенционирање и утврдување производна и откупна цена нема да има земјоделци, младите ќе ја напуштат земјата, а во руралните општини ќе останат само старите лица.