Прогласување на епидемија на голема кашлица на подрачјето на Скопје, побара денеска Комисијата за заразни болести.
Александар Петличковски, претседател на Комисијата, на прес-конференцијата рече дека тоа ќе помогне во справувањето со ризикот кој доаѓа со оваа болест.
-Последните бројки се 18 потврдени случаи со голема кашлица. Имајќи предвид дека овој број расте, особено на територијата на Град Скопје, каде што се потврдени 14 случаи, одлучивме да предложиме прогласување епидемија за град Скопје. Ова звучи страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста голема кашлица. Очекуваме да излезе упатство за постапување во услови на епидемија од Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини, потенцира Петличковски.
Според него, нивото на вакцинирани за пертусис не е на задоволнително ниво. Тој ги повика сите кои ја пропуштиле вакцинацијата со редовниот календар да се вакцинираат. Предлогот од Комисијата е да се организира работата на пунктовите во две смени и дополнително да се примаат деца за вакцинација и во сабота.
-Препорачуваме забрана за прием на невакцинирани деца за пертусис во градинки. Очекуваме овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација. Фокусот е заштита на најмалите. Оваа болест е најтешка за најмалите. Вакцинацијата по редовниот календар почнува во вториот месец. Дури една доза значително ги заштитува вакцинираните од сериозен тек на болеста, додаде тој.
Во однос на училиштата, тој посочи дека во моментов немаат решение со оглед дека образованието е задолжително.
-Оваа препорака не се однесува на училиштата, туку само на градинките, кажа тој.
Ова се препораките до министерот за здравство и Петличковски очекува брзо да стапат на сила. Од искуството со епидемијата на морбили Комисијата се одлучува на овие опции, затоа што, како што велат, имало ефект.
Петличковски објасни дека заразноста на оваа болест трае 5-6 дена, инкубацискиот период може да се движи од 7 до 21 ден, а потврдените случаи по започнување на антибиотска терапија да останат во изолација, пет дена.