Ако нивите се празни: Ќе купуваме по една пиперка неделно, кромид нема да јадеме…

Македонија има многу плодни полиња. Вака знаеме да се пофалиме на странците. Ама се обидуваме да го избегнеме муабетот кога ќе не прашаат колку храна произведуваме, што извезуваме.

Извоз на храна од Македонија? Е, тоа полека се намалува. Последниве години се повеќе увезуваме продукти кои претходно ги имаше во големи количини на нашите ниви. Какво време дојде, во земјава се увезува дури и патлиџан и кромид од соседните земји, на кои, не така одамна, и бевме пример за земјоделие.

Зошто земјоделието во Македонија папсува? Нема доволно земјоделци? Нема добра земјоделска политика од страна на власта?

Ејј, на пазарите цената на кромидот се искачи и на рекордни 110 денари и го нема доволно, увезуваме од странство. Власта, пак, како одговор на сето тоа ги замрзнува цените на некои продукти. Само тоа ќе е понуденото решение од скапо платените експерти во Владата, во ресорното министерство?

Податоците се немилосрдни – нашата земја речиси 70 проценти од потребите за храна ги подмирува преку увозот. Во 2021 година се увезени прехранбени производи во вредност од 745,4 милиони евра, што е годишен раст од 12,2 отсто во споредба со претходната 2020 година, додека растот во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период лани изнесува 17 отсто.

Ова е загрижувачко за земја која себе се нарекуваше земјоделска. Македонија сега увезува најмногу од Албанија, Турција, Србија… Лани извозот на храна од Албанија за Македонија е зголемен за 32 отсто, а во исто време извозот од Македонија за Албанија е намален за 22 проценти.

А пазете, не увезуваме банани и урми кои не може да растат во нашата земја. Да е така ќе се помириме, но поразот е тоа што нивата која е 20 метри од другата страна на границата и продава на нивата во Македонија производ што кај неа пораснал!?

– Увозно сме зависни за основните прехранбени производи – пченицата (брашното), маслото за јадење, месото (пилешко и говедско), млекото… Имаме производство кое во последниве години опаѓа, а пред се се намалуваат обработливите површини и не само за одредени култури, туку се намалува и бројот на добитокот, изјави неодамна Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки за МИА.

Да, од година во година се намалуваат обработливите земјоделски површини, земјоделци има се помалку…, мерките што се преземаат од страна на Владата очигледно дека не се доволни.

– Македонија е земјоделска држава, но немаше мерки кои земјоделството ќе го доведоа до она место кое што ги заслужува. Нема многу дилеми каков концепт е потребен: на земјоделците им е потребно нивиот труд да им биде исплатлив. Државата до сега сакаше покомотно да се однесува кон нас. Ова што се случува сега во светот и кај нас со храната мислам дека е добра лекција за учење, изјави неодамна за „Скопско ехо“ Петар Стојкоски, претседател на Асоцијација на земјоделците.

Имаат ли намера во Владата да учат лекции од ваков тип? Природата дала, Македонија има капацитет да ги задоволи сопствените потреби за храна. Зарем ќе се остави да бидеме зависни, од на пример, увозот на пченица при толкави Пелагонија, Овче Поле…?

Македонските влади до сега се обидуваа да го зголемат земјоделското и сточарското производство преку давање на субвенции. Но, по толку години се гледа дека тоа не дава доволни резултати. Зошто е така? Каде летаа силните пари дадени за унапредено земјоделство и сточарство? Ќе си даде ли некој оставка или да биде сменет оти не работел совесно или не го бидува, а ветувал многу во земјоделието?

Многу прашања има на кои треба да се даде одговор. Ако се тргне во тој правец за неколку години Македонија ќе се прехранува сама. Во спротивно, ќе увезуваме дури и пиперки, а граѓаните (оти ќе биде скапо) ќе купуваат по една неделно – за да се потсетат како беше да се исецка и стави во салата. Кромид нема да ставаме, прескап ќе е.

Што на почвата тогаш ќе садиме? Трње, или можеби власта ќе поставува каментемелници за уште нови автопатишта, фабрики, спортски центри…?

Претходна вестЗапленети монети, украдени возила, поголема сума на пари, регионална акција на „Табановце“
Следна вестИ бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ избришан од Централен регистар