Ако пациенти доцна оделе на клиниките, време е Филипче да каже зошто е така

Секако дека треба да се побара помош од странство. Но, треба и детално да се испита зошто заболените доцна се јавуваат, вели скопјанката Тинка Наумова

 Губењето на многу човечките животи е најтешката страна на осуммесечната битка која се води во Македонија со корона вирусот. Загубите се веќе драматични: заклучно со понеделник во земјава починале 924 лица, при што во последниот месец починале 209 лица, а за последните десет дена 113 лица ја изгубиле битката со корона вирусот! Алармот вришти на најсилно. Ги буди ли најповиканите и со народни пари платените лица?

Македонија веќе стана црн рекордер како во регионот така и меѓу земјите на светско ниво, споредено со бројот на жителите. Зошто во земјава има толку голем број на починати лица од Ковид-19? Треба ли да се бара помош од странство и дали нешто да се менува во начинот на лекување додека не е доцна за пациентите?

На овие прашања здравствените власти постојано со ист одговор. Министерот за здравствено Венко Филипче и некни го повтори истото: повеќе од 85 отсто од починатите имале претходни заболувања и многу доцна се јавувале за лекување на клиниките. Но, ова го повлекува новото прашање: како такви објаснувања нема во други земји, зарем кај нив не заболуваат пациенти со други заболувања и сите ли се јавуваат на време на клиниките? Очигледно нешто чкрипи. Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје дом Скопје Арбен Зибери во вторникот изјави дека „очигледно нешто не е во ред со системот и треба да се види дали е во прашање само задоцнето јавување на лекар или и недоволните капацитети на болниците“.

Впрочем и ако граѓаните доцна се јавуваат за лекување, треба да се види кои се причините. Односно, дали добро функционираат релациите на пациентите со матичните лекари и потоа со клиниките. Таму, најчесто, се се сведува на тоа дека лекарот не може да им закаже тестирање во поевтините државни лаборатории, да им каже да седат дома, да пијат витамини…

-Заболените доцнат бидејќи нема координација помеѓу матичните лекари и ковид- центрите. Нема доволно термини за тестирање, па така само оние кои можат финансиски да си дозволат ја користат можноста да се тестираат навреме во приватни лаборатории. Многу пациенти не знаат каде да одат во моментот кога ќе почувствуваат влошување, а исто така многу често ги препраќаат од „8-ми Септември“ на Инфективна и обратно. Често матичните лекари не се во состојба да креираат упат заради пад на системот. Така се губи драгоцено време во процесот на утврдување на можните компликации, смета скопјанката Јуле Петковска.

-Министерот Филипче нели најави анализа зошто имаме голема смртност кај пациентите. до каде е тоа? Да не испадне и според анализата дека за се е виновен само народот?, прашува скопјанецот Андреј.

Деновиве имаше и барања да се преиспита алгоритамот според кој постапуваат матичните лекари кога ќе им се јават пациенти со симптоми на болеста. Дилема е исто така, дали лекарите ги имаат на располагање сите потребни терапии и знаења за лекување на оваа болест, а кои се користат и во други земји. Не е никаков срам за таа цел да се побара помош и совети од други медицински центри. Неодамна претставници на Куба изразија подготвеност да испратат нивни лекари тука за помош. Но, нашите здравствени власти не дадоа одговор на оваа понуда. Во меѓувреме секој ден се евидентираат новите жртви од вирусот…

 Да се побара помош од страна

-Секако дека треба да се побара помош од странство. Но, треба и детално да се испита зошто заболените доцна се јавуваат, а јас сум сигурна дека матичните лекари имаат удел во пропустите. Потребно е да се прават и повеќе тестови за да се намали чекањето, да се намалат цените во приватните клиники и да се обрне внимание на матичните лекари да си ја вршат работата по сериозно, смета Тинка Наумова.

 

Претходна вестГрупа граѓани купивме и засадивме 22 дрвца, за еден месец сите ги украдоа
Следна вестКафе-барот „Интермецо“ ја отстранил пломбата и продолжил со работа и покрај забраната