Владите треба да отворат нов фронт во борбата против даночното затајување со воведување на глобален минимален данок за најбогатите, што би собрало 250 милијарди долари годишно, пресмета Европската даночна опсерваторија.Тоа е само два отсто од имотот од речиси 13 трилиони долари на 2.700 милијардери ширум светот, открила истражувачката група од Париската школа за економија во извештајот објавен денеска, пишува „Гардијан“.
Во својот првичен извештај за глобално затајување данок, Даночната опсерваторија на ЕУ со седиште во Париз рече дека милијардерите ги поместуваат границите на законот со преместување на одредени видови приходи, вклучително и дивиденди од акциите на компаниите, преку наменски холдинг-компании кои обично не служат за никаква друга цел.
– Овие холдинг компании се во сива зона помеѓу избегнувањето и затајувањето, се вели во извештајот. Тоа се прави до тој степен што тие се создадени со цел да се избегне данокот на доход и легитимно може да се гледаат како поблиску до затајување.
Даночната опсерваторија на ЕУ, предводена од економистот Габриел Зукман, е основана пред три години и е финансирана од ЕУ како дел од нејзините напори за борба против даночната злоупотреба. Овие дупки им овозможуваат на супербогатите да избегнат одредени форми на данок на доход, што резултира со ефективни даночни стапки во вредност од само 0%-0,6% од нивното вкупно богатство, се вели во извештајот. Во меѓувреме, даноците на доход наметнати на повеќето богати граѓани кои не ги користат овие дупки, на крајот испаѓаат меѓу 20% и 50%.
Офшор компаниите можат да бидат номинални сопственици на луксузни имоти во скапи градови како Лондон.
– Недвижностите продолжуваат да обезбедуваат многу можности за богатите да избегнуваат даноци. До денес не е направен сериозен обид да се реши оваа ситуација, која ризикува да ја поткопа социјалната прифатливост на постоечките даночни системи, се вели во извештајот.
Опсерваторијата, која распореди повеќе од 100 истражувачи за да соберат податоци за извештајот, сега ги повикува глобалните лидери да го искористат следниот самит на Г20 во Бразил во ноември 2024 година за да започнат разговори за глобален минимум годишен данок од 2% што треба да се наплаќа на богатството.
Се вели дека мерката може да донесе 250 милијарди долари годишно од 2.756 познати милијардери во светот, за кои заедно се верува дека вредат 13 трилиони долари.
Идејата се заснова на договорот од 2021 година меѓу 140 земји и територии за воведување глобална минимална даночна стапка од 15% за најголемите мултинационални компании.