Ако и „Скопје смарт сити“ биде направен како и тунелот под Кале…

Уште една најава стигна од Град Скопје односно од првиот човек Петре Шилегов. Во телевизиско гостување синоќа најави дека до јуни Скопје ќе биде „смарт сити“ или паметен град со сменети 12 илјади сијалици и поставување на т.н. паметно осветлување. Со ова според Шилегов, градот ќе заштедел сериозна сума на пари што сега ја троши за улично осветлување.

-Град Скопје за улично осветлување троши над милион евра годишно, со проектот „Смарт сити“ и паметно осветлување се очекува Градот да заштедува од 60 до 70 отсто… Паметно осветлување што ќе свети или ќе осветлува онолку колку што во моментот е потребно, зависно од движењето на луѓето, затемнетост на околината, кога има магла. Кога ќе се движите по некоја затемнета улица софтверот ќе го прати вашето движење и ќе го зголемува нивото на осветленост. Моите очекувања се дека некаде до јуни паметното осветлување ќе биде имплементирано, станува збор за околу 12 илјади сијалици кои треба да се заменат, објасни Шилегов.

Во меѓувреме веќе е потпишан и договор со група компании на чело со Македонски Телеком во вредност од околу шест и пол милиони евра за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град.

Најавата звучи одлично, оти на Скопје му треба вакво осветлување. Но дали ќе се реализира според дадената временска рамка? Ако судиме според проектите ветени пред повеќе од 3 години кога се бореше за градоначалничка фотеља, а не се ни почнати тогаш скептицизмот е оправдан. Да се потсетиме на ветениот тунел под Кале, спуштена крстосница кај „Мавровка“, пешачка зона во Малиот ринг, нови мосотови во Ѓорче Петров на „Илинденска“ и на „Љубљанска“, доградба на булеварите „Словенечка“ и на „Хрватска“, кружен тек во Сарај, … кои беа капитални сообраќајни проекти за кои се гарнтираше дека ќе бидат направени. Сега, за тунелот се вели дека до крајот на оваа година ќе може да почне градбата. А завршетокот… кој знае кога… Беа ветени до крај на овој мандат, но не се реализираа. А до крајот на мандатот остана уште малку.

Рокот за Скопје смарт сити е до јуни, а дали ќе се имплементира ќе знаеме за 5 месеци.

Претходна вестЗагадување има, мерки нема – се чека утрешниот дожд и ветер
Следна вест„Патишта на хероите“ на МНТ во завршна фаза