И покрај тоа што мерните места за квалитет на воздухот во Битола 2, Кавадарци и Куманово покажаа дека е надминат прагот на алармирање на ПМ 10 честички, нема да бидат прогласени краткорочни мерки.
Според Информативниот центар за животна средина при ресорното Министерство причина е најавата на УХМР за дожд и ветер во наредните денови, бидејќи таа е една од клучните факти кои се земаат предвид пред прогласување на овие мерки.
Изминатите неколку дена, преку веб-страницата каде се регистрираат параметрите за квалитет на воздухот на Министерството за екологија, може да се забележат високи и многу високи вредности на отровните ПМ10 честички и тоа во Центар, карпош, Лисиче, Гази Баба, Ѓорче Петров во Скопје и во Тетово, Гостивар Велес, Кавадарци.
Надминувањето на прагот на алармирање (над 188 μg/m3 во текот на два последователни денови) повлекува краткорочни мерки: препорака за ослободување од работа на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, реорганизација на работното време и лицата кои работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба…
Освен прогнозата за утрешниот ден (дожд, ветер и снег), дополнителен момент да не се воведат краткорочни мерки поради загаден воздух се и мерките за заштита во пандемија, поради што голем дел од ризичните групи секако не одат на работа, а нема ниту манифестации на отворено, бидејќи се забранети собири.