Речиси 900 илегални мигранти се откриени за само десеттина дена. Поточно станува збор за 878 лица фатени од почетокот на месецот. Со други зборови нема ден, а да не бидат „уловени“ во обид да преминат во Македонија или веќе „шпартаат“ по неа, а потоа си ја пробаат среќата на сличен начин да продолжат кон ветените земји на Запад.
Несомнено оваа бројка е сериозен успех на македонската полиција да ги фати и спречи илегалните намери. Но, истовремено го предизвикува и исто толку сериозното прашање, ако ова е бројката на фатени, тогаш кој знае колку многу веќе се наоѓаат внатре, кои успеале да поминат и никој не ги фатил? Каде се сега?
Ова прашање е една од главните теми на социјалните мрежи, а дилемите кај јавноста одат до таму, што некои од луѓето дури и се сомневаат дека зад секојдневното држење на вниманието на граѓаните со корона-бројки, всушност се кријат разни други планови што некој ги спроведува…
– Кој знае што се прават додека нашето внимание е 24/7 окупирано со бројки на мртви и заразени?! – вели А.М. на Фејсбук.
– Речиси 900 илегални мигранти?!? Па толку за време на мигрантската криза не „ловеа“?! Ако толку многу се фатени сега додека се границите затворени, којзнае колку не се фатени, а и колку ќе влезат кога ќе се отворат границите? – коментира И.С. на својот профил на истата мрежа.
Надлежните уверуваат дека се е под контрола, но изненадувачки големите бројки на илегални мигранти и натаму не оставаат граѓаните да бидат рамнодушни и да веруваат дека се е под контрола.