Ако Телеграм не ја избрише „Јавна соба“ апликацијата може да биде блокирана во земјава

Доколку компанијата која стои зад апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“, каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе се разгледа и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во земјава, најави денеска премиерот Зоран Заев, откако пред неколку дена е обелденето продолжение на аферата која започна пред една година.

– Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела, изјави Заев денеска.

Оваа опција сепак останува отворена додека од компанијата не почнат да соработуваат, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело, иако изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денеска ќе одговорат на барањата за соработка.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на Фејсбук објави дека веќе има и први приведувања во врска со скандалот – две лица од Битола и Велес.

Претходна вестКампања: Борбата за права можат да ја водат само оние кои се добро информирани за нив
Следна вестТалат Џафери: Пратениците ги проверуваше ДИК, не знам кој бил осуден за силување