Дваесет и седум отсто од македонските ученици се имаат обложувано за пари во последната година, а околу 7,8 проценти од македонските ученици рекле дека пробале некоја дрога, покажал извештајот на Европскиот училишен истражувачки проект за алкохол и други супстанци (ЕСПАД). Студијата, спроведена во партнерство со Европската агенција за лекови (ЕМЦДДА), се базира на репрезентативни студии во 35 европски земји вклучително и Македонија. Во анонимниот прашалник во нашата земја биле опфатени 2.930 ученици.
– Околу 27 проценти од македонските ученици рекле дека се коцкале за пари во последните 12 месеци. Ова е поизразено кај машките – 34 отсто, споредено со 20 проценти од женските. Најпопулани игри на среќа меѓу тие кои рекле дека се коцкале во последната година, се лотарии (58 отсто), обложување на спорт и животни (50 проценти), карти или коцки (28 отсто) и слот машини (24 отсто), се наведува во извештајот.
Околу 7,8 проценти од македонските ученици рекле дека пробале некоја дрога и тоа канабис (6,1 отсто), екстаза (1,1), амфетамин (0,6 проценти) и метамфетамин (0,4 отсто). Меѓу машките едно од десет пробало било каква дрога, додека меѓу девојчињата едно од дваесет.
– Над 40 проценти од учениците во Македонија рекле дека конзумирале алкохол во последните 30 дена, додека 67 отсто пак пробале алкохол барем еднаш во животот. Пијанство во последните 30 дена имале 8,7 проценти. Најмногу рекле дека пиеле пиво (49 отсто), потоа жесток алкохол (33 отсто) и вино (18 проценти). Една третина испиле над пет пијачки во една вечер во последните 30 дена. Кај нас 29 проценти од учениците првпат пробале алкохол, а 6,1 процени имале прво пијанство на 13 години или порано, се наведува во анализата.
Кај нас, половина од учениците или 49 проценти рекле дека можат доколку сакаат лесно да дојдат до цигари, 38 отсто пробале цигара барем еднаш во животот, а 20 проценти рекле дека пушат цигари секојдневно. Околу 12 проценти од учениците пробале цигара на 13 години или порано, додека секојдневно пушат 2,6 отсто. Околу 12 проценти од учениците кај нас пробале цигара на 13 години или порано, што е под просекот од 18 проценти на сите земји опфатени во истражувањето. Во просек 2,9 проценти од учениците почнале да пушат цигари секој ден на 13 години или порано, додека кај нас 2,6 отсто.
Дали резултатите од истражувањето ќе разбудат некој од надлежните, но и родителите или пак се ќе си тече како порано – мижи и терај?