Алармот за смртноста од вирусот вришти, има ли кој да го чуе?

Секој ден добиваме нов шок во кој што македонските здравствени власти ги соопштуваат податоците за бројките за заболени и починати лица. Фрапантно звучи дека бројот на починати веќе достигнал 919 лица, а само за последните седум дена битката со вирусот ја изгубиле 86 граѓани! Тоа е премногу, алармот мора да вришти.

Бројот на заразените веќе стаса до 27.000 и се зголемува по повеќе стотици секојдневно. Македонија е веќе меѓу водечките земји по смртност во однос на вкупниот број на заболените, по стапката на заразувањето. Во земјава веќе не се збори за кластери туку за неконтролирано ширење на вирусот.

До каде ќе оди ова? Зошто толку многу граѓани умираат? Се презема ли нешто да се намали смртноста?, прашања кои се повеќе ги поставуваат граѓаните. Наспроти се поголемата загриженост кај граѓаните, здравствените власти со постојано исти одговори: заразата се шири со непочитувањето на мерките, заразените доцна се јавуваат во болници кога веќе болеста е раширена, имаат и други заболувања…

Дали се ова одговори кои по седум месеци од избувнувањето на пандемијата треба уште да бидат единствени?  

Ако граѓаните доцна се јавуваат за лекување треба да се види кои се причините. Односно, дали се добро функционира во нивни релации со матичните лекари. Таму, најчесто, се се сведува на тоа дека лекарот не може да им закаже тестирање во поевтините државни лаборатории, да им каже да седат дома, пијат витамини… Причините зошто тука се доцни мора да се расчистат за да заболените правовремено добијат стручна помош.

Дилема е исто така, дали лекарите имаат на располагање сите потребни терапии и знаења за лекување на оваа болест, а кои се користат и во други земји. Не е никаков срам за таа цел да се побара помош и совети од други медицински центри. Исто како што што побрзо мора да се зголеми бројот на тестирањата за да се спречи ширењето на вирусот, посебно од асимптоматските случаеви. Нели имаме многу пријатели и сојузници, нека се бара помош. Еве и доктори од Куба ни се понудија…

Алармот вришти, ама некако не ги возбудува до потребното ниво оние кои се најодговорни. Секако, алармот не треба да го игнорираат и самите граѓани кои треба да се поодговорни барем во самозаштитата.

Претходна вестПроменливо облачно, но без дожд
Следна вестМакедонија вчера имаше драстично повеќе починати од сите држави во регионот