Албанската фудбалска федерација се огласи по повод инцидентот на фудбалерот Мирлинд Даку, кој после натпреварот со Хрватска со мегафон ги пцуеше и навредуваше Македонија и Србија.
Самиот Даку се извини за инцидентот, а потоа се огласи и УЕФА која покрена постапка против играчот, кому му се заканува суспензија за последниот натпревар од групата против Шпанија.
– Албанската фудбалска федерација го признава неодамнешниот инцидент со нашиот играч Мирлинд Даку, кој се случи по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Разбираме дека во жарот на спортските натпреварувања емоциите растат, постапките на Мирлинд беа жална реакција на една исклучително напната ситуација. Мирлинд Даку веќе изрази длабоко каење за своите постапки и упати јавно извинување. Тој ги разбира последиците од неговото однесување и ја презеде целосната одговорност. Овој инцидент не го одразува неговиот карактер или вредностите до кои ние како федерација се придржуваме, стои во соопштението на Албанската фудбалска федерација.
И екипата на Рубин Казан се огласи со соопштение по повод навредите кон Македонија и Србија искажани од нивниот првотимец Даку по натпреварот против Хрватска на Европското првенство.
-Напаѓачот Мирлинд Даку си дозволи навредливи извици по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Нашиот клуб ја прифаќа одговорноста за тоа што се случи. ФК Рубин претставува мултинационален тим и секогаш се придржува до принципите на почит и еднаквост, категорично осудувајќи ја секоја форма на дискриминација и навреди на национална, верска или расна основа. По враќањето во просториите на клубот, против фудбалерот ќе бидат применети дисциплински и финансиски санкции. Ќе се разговара и со играчите на клубот со цел да се избегнат вакви инциденти во иднина, гласи соопштението на Рубин Казан.