Заедничка пратеничка група во македонскиот парламент промовираа денеска пратениците од албанскиот опозициски блок – Демократско движење, Беса и Алтернатива. Во согласност со трите партии, кои неодамна ја формираа коалицијата „Европски сојуз за промени“, за координатор на пратеничката група е избрана Сафије Садики-Шаини од Алтернатива, а нејзина заменичка ќе биде Мерита Колчи Коџаџику од редовите на Демократско движење.
За ваквата одлука, пратениците денеска го известиле собранискиот спикер Талат Џафери.
-Иако пратеничкиот мандат е при крај, сметаме дека има многу отворени прашања и процеси поврзани со европската иднина на земјата за што Сојузот е сериозно заинтересиран да помогне. Во вој правец формирањето на пратеничката група ќе биде додадена вредност на оваа соработка, изјави на денешната прес-конференција лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, придружуван од лидерите на останатите две партии, Изет Меџити и Билал Касами.
Пратениците од „Европскиот сојуз за промени“ ги повикаа сите пратеници кои сакаат, да се приклучат кон нивната пратеничка група.
-Одлучни сме оваа битка да ја водиме сè до целосното ослободување на Албанците од режимот на ДУИ и од нивните чираци. Овој пат ништо не нè обесхрабрува. Напротив, колку повеќе сметаат дека нè напаѓаат и попречуваат – само не прави посилни, додаде Гаши.
Во новата пратеничка група се шест пратеници и додаваат дека се отворени за сите пратенци кои сакаат да се приклучат. Според Деловникот за работа на Собранието, пратеничка група може да сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии.