Американски држвјанин нокаутирал тројца полицајци во полициска станица

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 42-годишен државјанин на САД кој откако бил приведен во полициска станица, нападнал тројца полицајци со боксови.

Инцидентот се случил утринава кога странскиот државјанин бил приведен во Полициската станица во Кисела Вода за претходно сторен прекршок против јавниот ред и мир. Додека влегувал во ходникот на станицата, тој почнал да удира по инвентарот, а кога еден од полициските службеници го предупредил да престане, тој се свртел и го удрил со бокс по лицето.

Истото им се случило и на другите двајца полицајци кои се обиделе да го совладаат. По извесно време, полициските службеници успеале да го совладаат осомничениот.

Против него ќе биде поднесена пријава за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Скопје.

Бидејќи во конкретниот случај не постои друга можност за обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.

Претходна вестГрадоначалникот на Кисела Вода „се фати“ за метла
Следна вестУште 12 лица ја изгубија битката со ковид, 550 нови заразени