Амнестијата за 2001 не е исклесана во камен, ама грбовите на мавровските работници беа изрежани со нож

Затворено, или отворено, e прашањето со амнестијата на хашките случаи кои во 2009 година беа вратени во Македонија на одлучување на македонските судови? Дилемата неодамна ја отвори Советот на Европа откако комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ минатиот месец до македонската Влада испрати писмо според кое овие случаи не се затворени.

-Да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ги префрли на домашните судови, побара Мијатовиќ.

Познато е, барањето се однесува на четирите т.н. хашки случаи, всушност судски досиеја за злосторства против цивили во Македонија, во оружениот конфликт од 2001 година. Нив, Трибуналот во Хаг за воени злосторства од војните во поранешна Југославија, поради презафатеност, во 2008 година ги врати да бидат судски процесирани во системот на македонското правосудство – „Водството на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. По враќањето во Македонија овие случаеви беа затворени контроверзно, без судски процеси, со носење на Законот за амнестија во 2002 година, потоа со автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија, како и со ставот на Уставниот суд кој соопштил дека не му е во надлежност да се произнесува по автентичното толкување на македонскиот Собрание.

Ама еве сега ферманот од Советот на Европа отвора многу дилеми. Здрма и некои ликови кои беа учесници во оружениот конфликт. Се јави и техничкиот премиер Талат Џафери кој изјави дека хашките случаи се „завршено минато“.

-Тоа е прашање регулирано со закон и потврдено со одлуки на Уставниот суд, рече Џафери одговарајќи на новинарското прашање, и додаде дека меѓународните трибунали не се поврзани со македонското судство.

Но, дали тие случаи навистина се завршено минато?

Општо е познато дека случаи на воени злосторства и злосторства против човештвото не се амнестираат и не застаруваат. На ова се чини не потсетува и Советот на Европа кога преку својот комесар побарал отповикување на автентичното толкување на Законот за амнестија според кој можните сторители на овие злосторства веќе не треба да стравуваат од казни. Значи, она што се бара е отповикување на амнестијата за нив, продолжување на истрагата и утврдување на конкретна вина.

Ќе се стори ли тоа?

Барањето на Советот на Европа треба да се разгледа од сите аспекти и не е доволно објаснувањето кое го дава техничкиот премиер Талат Џафери. Тоа, со оглед на наближувањето на изборите, сигурно ќе остане како обврска на идната влада и која ќе треба да го дефинира ставот во однос на (не)застарувањето на воените злосторства. Странците чии стандарди се стремиме да ги постигнеме ни пратија сигнал дека тоа прашање не е решено на правно издржан начин.

Од ова прашање не треба да бегаат партиите. Не сме виделе дека дадената амнестија е исклесана во камен. Не. Ама, изрежани со нож беа гробовите на мавровските работниците. Тоа го видовме сите. 

Претходна вестДве третини од возачите во В. Британија не сакаат електричен автомобил
Следна вестВолците од Чернобил отпорни на ракот, како?