Меѓу вкупно 2.243 лица во Македонија кои се инфицирале со корона вирусот во периодот од 5 до 11 октомври, најмногу има пациенти на возраст од 30 до 39 години, нив 456, соопшти денеска Министерството за здравство.
-Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 години – 440, од 20-29 години – 414 и 50-59 години – 343. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години – 53 и 10-19 години – 132, се наведува во анализата.
Податоците покажуваат дека во споредба со неделата претходно број на новозаразени лица се зголемил дури за 86,5 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 1155.
Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 17.2 отсто или 5 проценти повеќе во однос на претходната недела.
Пријавен е 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.