Андоновска: Градоначалничката Арсовска не е присутна шест месеци по ред на седници за советнички прашања

Ова е трета седница по ред на советнички прашања како што градоначалничката Арсовска не е присутна. Шест месеци таа не е присутна на советнички прашања, ниту на која било седница на овој Совет на Град Скопје, reчe координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје на денешната седница за советнички прашања, на која повторно не е присутна градоначалничката Данела Арсовска.

Андоновска посочи дека има повеќе од 50-ина прашања од граѓани што во овие шест месеци ги собрала од средбите со граѓани, а нема како да ѝ ги постави на градоначалничката, освен на овие седници и на седниците што се предвидени за советнички прашања.

-Тоа не се мои лични прашања, тоа се прашања на граѓаните и таа како градоначалник избрана од граѓаните има одговорност и должност да биде присутна тука за да можеме да ѝ ги поставиме овие прашања и граѓаните да добијат одговор. Ако таа не чувствува одговорност од оние што ја избрале, тогаш како мисли да формира партија и да ги бара гласовите од оние на кои не им одговара со месеци, истакна Андоновска.

Додаде дека на овие седници исто така се носат одлуки што имаат финансиски импликации, кои се пари на граѓаните, а од друга страна, ниту Советот ниту граѓаните имаат информации каде завршуваат овие народни средства, а градоначалничката никаде ја нема за да даде одговор.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница на градскиот парламент, побара поддршка од координаторите да се испратат писма до меѓународните институции и организации за однесувањето на градоначалничката Данела Арсовска. Тој рече дека градоначалничката повеќе од еден месец не му одговорила за претходно предложените термини за одржување на седницата за советнички прашања, при што потенцираше дека ова е трета седница на која таа не доаѓа.

– Имам намера да испратам писма до сите меѓународни институции и организации во кои со својата интензивна активност градоначалничката Арсовска се промовираше во последниве неколку недели, за нејзиниот однос кон советот, кон советниците и кон претседателот. Ако ја добијам поддршката од советниците, ќе бидат испратени писмата, рече Славески, по што ја прекина седницата на Советот.

Славески претходно на социјалните мрежи ја коментираше веста дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е избрана за членка на Управниот одбор на Глобалниот парламент на градоначалници.

-Некаков си Глобален парламент на градоначалници, во кој Данела Арсовска била избрана за член на Управен одбор, треба да објасни што очекува од жената која осум месеци не се појавила на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, чиј претседател беше сѐ до нејзината смена, напиша Славески на социјална мрежа X.

Претходна вестУчебникот по Историја за петто одделение уште не е стасан, министерот Шаќири има објаснување
Следна вестКучиња скитници искасаа три лица во Скопје