Ангеловски: Лани имало најмалку жртви во сообраќајните несреќи

Како резултат на преземените активности, 2020 година е со најниска бројка на жртви во сообраќајот во историјата на државата, соопшти денеска Тони Ангеловски, портпаролна МВР на конференцијата за печат во Битола. Тој не соопшти конкретен податок за тоа колку жртви имало во изминативе дванаесет месеци.

Ангеловски зборуваше по вчерашната засилена акциска контрола на мобилната единица за безбедност во сообраќајот при МВР на територијата на Битола и Прилеп. Во контролата санкционирани се 94 возачи, кои возеле со брзина поголема од дозволената, од кои 61 во Битола, а 33 во Прилеп.

– Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови и евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Во ноември 2020 година споредено со ноември 2019 година имавме намалување од 21 отсто, а кога ќе ги споредиме декември 2020 со декември 2019 имаме намалување од 23 отсто на бројот на сообраќајни незгоди. Како резултат на преземените активности, 2020 година е со најниска бројка на жртви во сообраќајот во историјата на државата – рече Ангеловски.

Во вчерашната контрола санкционирани се и 29 лица што управувале возило без возачка дозвола, 22 управувале нерегистрирани возила, шест возачи возеле под дејство на алкохол, како и други прекршоци.

Претходна вестОтежнат сообраќај кон Маврово и кон Дебар
Следна вестОткако го идентификува полицијата го бара и вториот насилник од автобусот на ЈСП,