Македонскиот ракометен шампион, екипата на Пелистер, утре вечер ќе го продолжи настапот во Лигата на шампионите и тоа со гостување кај германскиот гигант Кил (18.15 часот). Во пресрет на оваа средба тренерот Бранислав Ангеловски ги искажа своите очекувања.
Предводникот на битолчани е среќен за шансата да игра против вака голем тим и најави голема борба против фаворитот.
– Гостуваме на гигант од држава каде што ракометот е светост. Кил е клуб со огромна традиција, но оваа година не им ‘цветаат рози’ во домашното првенство, па нивниот фокус е освојување на титулата во ЛШ, што секако е лошо за нас. Ова е голема шанса да видиме колку сме блиску или далеку до нив и да сфатиме каде треба да напредуваме ако сакаме во иднина да се носиме со вакви екипи. Посакувам натпреварот да биде сличен како оној со ПИК Сегед во Битола, на кој покажавме дека можеме да играме со силните екипи. Ќе биде интересно, Кил атакува на ‘фајнал-фор’ во Келн и за нас ова ќе биде огромно искуство, изјави Ангеловски.
Кил по 11 кола од групната фаза во ЛШ е првопласиран во групата А со 16 бодови, додека Пелистер е убедливо последен без ниту еден бод.