Анкета на ИРИ: 47 отсто од македонските граѓани сметаат дека ЕУ не е сериозна во намерите да понуди членство

Широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана, покажало последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (ЦИСР) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Земјите во кои беше спроведена анкетата се Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

Но, сепак поголем дел од граѓаните во Македонија или 47 проценти, сметаат дека Унијата не е сериозна во намерите да понуди членство на земјите од Западен Балкан.

Граѓаните во Македонија сметаат дека најкорумпирани се политичките партии, судовите, Собранието. На прашањето „Каков вид на корупција е најприсутен во земјата?“, мнозинство од граѓаните или 26 отсто одговориле намерно или лошо управување со средства, како  и ставање на личните интереси пред интересот на граѓаните.

-Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ. Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет, оцени Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ

Всушност, кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

-Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки, рече Мекарти.

Истражувањето беше спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања  на ИРИ од страна на Ипсос во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година. Податоците беа собрани преку интервју лице-в-лице кое беше администрирано со компјутерски асистирано лично интервју (ЦАПИ) во домовите на испитаниците со користење на метод на повеќестепена веројатност кој е дизајниран да резултира со репрезентативни примероци на национално ниво во секоја од земјите. Големината на примерокот по земја варира меѓу н=1.036 и н=1.238, а маргината на грешка се движи од 2,8 до 3,0 поени.

 

 

Претходна вестНеексплодирана рачна бомба пронајдена на улица во Демир Капија
Следна вестБлинкен во ненајавена посета на Украина: Пристигнува новиот пакет оружје од САД