Антикорупционерите добија пријава против ректорката на УКИМ Ангелова: Тонењето на Универзитетот се случува поради нејзините лични и бизнис интереси

Тонењето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се случува поради личните и бизнис интереси на актуелниот ректор Биљана Ангелова, а претходно проректор, спротивни на Законот, наведе денеска анонимна група на професори на оваа високообразован институција. Тие, во соопштението информриаат дека до Комисијата за спречување на корупција доставиле пријава за прекршување на Законот од страна на Ангелова којашто пред четири месеци застана на чело на овој скопски Универзитет. Во информацијата се наведува дека повеќегодишното неетичко и незаконско постапување на Ангелова има создадено простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет.

-Информациите во Пријавата, јасно укажуваат на постапување со кое личниот интерес и интересот на приватниот бизнис, за ректорот Биљана Ангелова може да е поставен високо над интересот на Универзитетот, до степен што Универзитетот веќе е сериозно загрозен. Затоа, со оглед и дека претходно, седум години, лицето Биљана Ангелова беше проректор за финансии, инвестиции и развој, Пријавата ја доставивме со голема загриженост дека тонењето на Универзитетот се случува поради личните и бизнис интереси на актуелниот ректор, а претходно проректор, спротивно на Законот, стои во соопштението од професорите.

Тие обвинуваат дека ректорката Ангелова, спротивно на законот се уште е член на органи на управување со неколку приватни компании.

-Според информации на колективот на Универзитетот, спротивно на Законот, и како проректор и по стапувањето на функцијата ректор, лицето Биљана Ангелова врши други функции за кои има законска забрана. Меѓу другите функции, таа е член на управен одбор на приватна компанија во јавноста позната по брендот „Винчини“ и член на Надзорен одбор (орган на управување) на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Уште во моментот кога беше избрана за член на Надзорниот одбор, а беше проректор, таа го има прекршено Законот, а прекршувањето продолжува и по нејзиното стапување на функцијата ректор. Со Пријавата известивме и за неетичко и можно незаконско постапување на лицето Биљана Ангелова и со нејзиното членување во одбори на други субјекти – трговски друштва, се наведува во соопштението.

Она што за академската заедница е особено страшно е што Биљана Ангелова, од позиција на проректор и сега ректор на Универзитетот вршела и врши настава и на приватни т.н. академии.

-Меѓу другото, Ангелова е обучувач на „Прогресив академија“ која е регистрирана како фондација, формирана од МАКПРОГРЕС ДОО Виница, во чиј Управен одбор членува лицето Ангелова. Според јавно достапните податоци, надоместот за упис на оваа приватна т.н. академија изнесува 1.900 евра. Евидентно е и заобколување на Законот за високо образование, се тврди во соопштението на професорите.

Тие и забележуваат на актуелната ректорка дека била потписник на иницијативата за повторно кандидирање на Ѓорге Иванов за Претседател на државата, каде по негов предлог станала претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Во 2016 година се поврзале двете активности на Биљана Ангелова. На нејзин предлог како претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија, Претседателот на Република Македонија доделил Орден за заслуги за Македонија на Народна банка на РМ, а таа има добиено согласност од страна на Народна банка на РМ по првпат да биде член на Надзорниот одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Во конкретната ситуација, Биљана Ангелова требала да се изземе од давање на предлогот и од гласање по истиот, и од морални причини. Оваа согласност за орган на управување во банка ја доби непосрено откако веќе беше избрана за проректор на Универзитетот.

Во периодот од 2014, и пред добивање согласност од Народна банка на РМ, со членувањето во органите на приватната Академија, за приватниот интерес, Биљана Ангелова директно соработувала со раководно лице во Народна банка на РМ кое имало важна улога во постапката за издавање на согласност за член на Надзорен одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Ангелова и лицето од Народна банка на РМ (раководна позиција важна за издавање на согласноста на Ангелова) биле членови на Управниот одбор кој ги застапува и финансиските интереси на приватната Академија.

Кај професорите кои стојат зад иницијативата постои страв од од користењето на контактите и здружувањето за приватни и бизнис интереси како карактеристика на лицето Биљана Ангелова, што можат да се одразат или веќе се одразуваат на Универзитетот.

Претходна вестПлатите на околу 2.000 функционери дополнително ќе бидат зголемени до 400 евра
Следна вестБитиќи објаснува: Чипсот, гумите за џвакање и сладоледот поскапуваат оти се нездрави за луѓето