Антикорупциска комисија: Ковачевски не го повредил законот во случајот со државна помош за Пиксел груп

Нема повреда на одредбите од член 45 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси по обвинението дека премиерот Димитар Ковачевски во својство на заменик министер за финансии можел да влијае врз постапката на државна помош кон фирмата Пиксел груп основана од него и неговиот кум, соопшти денеска државната Антикорупциска комисија.

Комисијата на денешната 94 седница утврди дека фирмата аплицирала на отворен конкурс со исполнети услови и оти договорот за финансиска помош бил потпишан пред Ковачевски да биде избран за заменик министер за финансии.

-Според пријавата, тој немал право да добива помош по член 52. Односно, се наведува дека лицата на функција и нивни блиски лица не треба да добиваат финансиска помош. Но, тоа не го опфаќа него, затоа што договорот бил склучен на 13. 08. 2020 година, додека тој станал заменик министер на 23.09.2020 година. По однос на тоа тој на 29.09.2020 година по доаѓањето на функцијата заменик министер доставил барање за истапување од сопственоста на фирмата и во целост ја отстапува на неговиот кум, појасни членот на комисијата Шемши Салаи.

По пат на договори за финансиска поддршка од Владата, „Пиксел Гроуп“ од 30.12.2019 до 30.12.2021 година, добила државна помош во вредност од 27.262.082 денари. Преку проекти од Фондот за иновации и технолошки развој пак, оваа компанија добила 4.804.848 денари во период од 2020 до 2022 година.

Компанијата „Пиксел груп“ е основана кон крајот на 2017 година, со основна главина од 5.000 евра од страна на Димитар Ковачевски и неговиот кум Горанчо Паунов. Кон крајот на 2020 година, доаѓа до промени во сопственичката структура на компанијата кога е донесена одлука и склучен е договор со кој Ковачевски му го пренесува уделот претставен преку непарични средства во вредност од 2.500 евра на Паунов без никаков надомест.

Претходна вестСе бара разрешување и кривично гонење на Фатмир Арифи: Не објаснил како стекнал два стана и автомобил од 18.000 евра
Следна вестЛевица: СДС-ДПМНЕ и ДУИ изгласа незаконска албанска паралелка во Велес, овие три партии се здружени во рушењето на македонската државa