Левица: СДС-ДПМНЕ и ДУИ изгласа незаконска албанска паралелка во Велес, овие три партии се здружени во рушењето на македонската државa

По августовскиот обид, насилно и незаконски да се оформи паралелка на албански наставен јазик во велешката гимназија „Кочо Рацин“ (составена од ученици со помал број бодови отколку што е предвидено со Конкурсот за упис), министерот Шаќири не се откажува од своето самоволие. Овојпат на удар е економското училиште „Јовче Тесличков“ во Велес, соопштуваат од партијата Левица.

– Иако во конкурсните услови е прецизно предвидено дека за упис во гимназија, како и во паралелки од здравствена и економска струка неопходно е учениците да имаат најмалку 60 поени, министерот дал согласност во училиштето да се изврши упис на ученици кои имаат и под 40 поени! Оваа незаконска одлука на најнеспособниот министер за образование на вчерашната седница на Советот на општина Велес доби зелено светло. Советниците на криминалната оска ДПМНЕ-ДУИ-СДСМ се ставија на страна на беззаконието што го промовира министерот Шаќири и гласаа за оформување ваква паралелка. Советниците од Левица гласаа ПРОТИВ и денес ќе поднесат пријави до Државниот просветен инспекторат и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи ваквото самоволие ги става во понеповолна ситуација сите ученици кои биле одбиени за упис во споменатата струка.

Јавно го прашуваме Мицкоски – какви заткулисни договори преговара со квинслишките партии на СДС и ДУИ и што ќе добие за возврат за легитимирањето на ваквата штетна и незаконска одлука? Уште еднаш се потврди ставот на Левица дека овие три партии се здружени во рушењето на македонската државотворност и дека сите заеднички сносат одговорност за бришењето на конститутивните елементи на Републиката, се вели во соопштението на Левица.

Претходна вестАнтикорупциска комисија: Ковачевски не го повредил законот во случајот со државна помош за Пиксел груп
Следна вестСо авионскиот лет од Тел Авив пристигнаа Македонците од Израел