Со авионскиот лет од Тел Авив пристигнаа Македонците од Израел

Група македонски граѓани денеск апопладне пристигнаа на скопскиот аеродром по евакуацијата од Израел. Превозот со чартер-лет, на релација Тел Авив – Скопје, беше организиран согласно одлуката донесена од страна на Владата заради евакуација на сите државјани на Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и побараа да се вратат во земјава.

Авионот со македонските државјани полета денеска од аеродромот во Тел Авив
Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авиотранспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер-лет е надминат преку соработка со „Ер Србија“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.

Претходно беше соопштено дека во авионот на „Ер Србија“ има вкупно 133 патници, од кои повеќето се државјани на Северна Македонија, а има и државјани на Србија и Црна Гора, кои ќе го продолжат патувањето од Скопје до Белград.

-Го добивме и последниот патник во авионот. Ви посакувам се најдобро и ве поздравувам од  амбасадите на Србија и Северна Македонија, конзулатот на Црна Гора и амбасадата на Албанија, од моите драги колеги кои организираа се. Прво летаат за Скопје, па за Белград. Внимавајте и се надевам дека ќе се видиме во подобри времиња. Се најдобро, изјави денеска Душан Вујовиќ, вршител на должност во амбасадата на Србија во Израел.

Полетувањето на авионот од Тел Авив патниците го дочекале со „Да живее Србија“.

Претходна вестЛевица: СДС-ДПМНЕ и ДУИ изгласа незаконска албанска паралелка во Велес, овие три партии се здружени во рушењето на македонската државa
Следна вестМВР со апел: Зачестена појава на фишинг напади, граѓаните да не ги споделуваат личните податоци со непознати лица