Антикорупциска комисија објави јавен оглас за избор на претседател и членови

Државната комисија за спречување на корупцијата, ДКСК, објави јавен оглас за избор на претседател и членови. Според одлуката донесена од Собранието, актуелните членови на ДКСК се без право на реизбор. Според конкурсните услови, лица кои во кој било мандат ја вршеле функцијата претседател на ДКСК или биле членови, не може да бидат избрани повеќе ниту за претседател, ниту за член на Државната комисија.

Секој кандидат за претседател мора да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување, додека за член на ДКСК освен десетгодишно работно искуство, доволни се шест години работно искуство во областите на откривање или спречување корупција.

Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Собранието на Република Северна Македонија истовремено објави Повик до здруженија на новинари, други здруженија и фондации за учество во интервјуто на кандидатите кои ги исполнуваат условите за именување на претседател и членови на ДКСК. Покана за номинирање на свои претставници е испратена и до Народниот правобранител, МАНУ и Интеруниверзитетската конференција

Сите здруженија на новинари кои се основани согласно закон, односно регистрирани повеќе од пет години и секое здружение или фондација регистрирани согласно закон и со искуство од најмалку пет години во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување имаат право да се пријават на повикот и да учествуваат во интервјуто. Во составот на ДКСК се избира претседател и шест членови на Комисијата.

Претходна вестХрватскиот министер за здравство предупреди, пијте само обична вода
Следна вестМаж пријавил дека бил претепан од својата невенчана сопруга