Антикорупциска ги одби приговорите на Левица за Арсовска и на СДСМ за Димитриевски

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги одби приговорите кои ги поднелa Левица и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ.

Наводите од приговорот на „Левица“ за финансирањето на политичкото рекламирање на кандидатката Данела Арсовска, не се потврдени и правно неиздржани и затоа ДКСК не е во можност да предлага мерки во согласност со своите надлежности, соопшто членот на Комисијата Нури Бајрами.

Од анализата на изнесените наводи од приговорот и посочените одредби на Изборниот законик, како што посочи Бајрами, се потврдува дека Арсовска и коалицијата „Обнова за Македонија“ настапуваат како два различни субјекта и нема склучено официјален писмен договор за коалиција на двете страни.

Тој потенцира и дека е точно оти Арсовска ги користи правата на медиумско претставување и финансиските средства за платено политичко рекламирање кои се предвидени и следуваат на опозициската коалиција „Обнова на Македонија“, што се потврдува преку писмениот одговор добиен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Но, според обработените снимки од програмите на радијата и телевизиите ДКСК не регистрирала политичко рекламирање со Данела Арсовска, а во дел од емитуваното платено политичко рекламирање нарачано од ВМРО-ДПМНЕ и на радија и на телевизија има спотови и за таа кандидатка. Во продолжение на одговорот од Агенцијата се вели дека рекламирањето на Арсовска во рамки на платеното политичко рекламирање нарачано од ВМРО-ДПМНЕ не е спротивно на упатството за платено политичко рекламирање за локалните избори.

Во врска со вториот приговор, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска рече дека според распоредот од ДИК, независниот кандидат Максим Димитриевски кој е кандидат за градоначалник на Куманово има добиено три локации, додека во приговорот стои дека има девет локации дополнително обезбедени преку системот „прв дојде и прв услужен“.

Во приговорот се наведува дека со низа дејствија на независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово предложен од група избирачи „За наше Куманово“, Максим Димитриевски му е овозможено да користи поголем број рекламни паноа и билборди од предвидените 10 проценти согласно ченот 78 став 4 алинеја 4, а во врска со ставот 2 на истиот член од Изборниот законик како вкупен процент на дозволени рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање на територијата на определена општина, а во случајот општината Куманово.

Од ДКСК објаснуваат дека тој своите три билборди си ги користи и плус останатите ги користи заради тоа што законот му дава право, меѓутоа моментот како да се користат неискористените, не е регулиран, и поради тоа Комисијата од тука нема основ да изрече мерка.

Претходна вестДождовите го зголемија нивото на Вардар од вчера до денес за 10 до 18 сантиметри
Следна вестГрдото лице на Скопје: Петровска ја покажа дивата депонија Јурумлери со талог од септички јами