Внимателно ја прочитав програмата на Владата, и морам да кажам дека тоа беа најзалудно потрошени четири часа во мојот живот, изјави денеска пратеник и лидер на „Левица“ Димитар Апасиев. Тој се обрати на собраниската седница на која се расправа за изборот на новата влада предложена од мандатарот Христијан Мицкоски.
– Во три реда на пет места има Република Северна Македонија. Барем да се обидевте, како ние, да протневте Република С. Македонија. Сте требале да додадете и едно „и“ и да биде Република Северина Македонија оти го изд**ивте народот за тоа што му ветувавте, кажа Апасиев, замерувајќи што идниот мандатар Христијан Мицкоски во поднесокот за нова Влада до Собрание, повеќе пати го споменал уставното име на земјата.
Тој додаде дека кадрите во новата влада би ги опишал преку два хаштага.
-Првиот хаштах е „ружна ви е владата“. Ова е една од трите најголеми влади, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт имаме три најголеми влади, 24 влада, гломазна влада, афричка влада, европскиот стандард е 13 до 15 члена. Енормен број на вицепремиери, и само три жени. Имате еден глумец, а јас би кажал сите сте глумци. Еден шпиун, косовски, не знам ни дали знае човекот македонски јазик, и работел за косовската влада. Вие господине Мицкоски сте плагијатори, а на реформатори. Има 10 добри работи, и сите се препишани од „Левица“. Идеолошки воведувате Мицковизам, затоа што правите каша попара од кадрите, рече тој.
Апасиев рече дека вториот хаштаг е „шверцери властитог живота“.
-Мицкоски си ја фризирал биографијата. Требало наместо нарцесоидни моменти, требаше да пишете тато ме направи асистент, Груевски претседател на партија. Програмата е без визија, без храбри чекори, зборот работник се споменува само два пати, зборот синдикат нула пати, и знаете дека на ВМРО-ДПМНЕ газдите и коморите ќе им бидат нивните соработници. Кажете дека ќе кратите работнички права, и дека народот ќе работи само за сметки. Никоја земја нема рамни даноци, само Русија, Белорусија и сега ние. И ова е антиевропски, рече Апасиев.