Африм Гаши за кусо време откако е на функцијата ја погази и правната и секуларната држава и не го почитува ниту македонскиот јазик, ниту државното знаме, изјави денеска Димитар Апасиев, лидер на „Левица“ во македонскиот парламент. Тој се обрати на седницата на која на дневен ред е интерпелацијата за работата на Гаши поднесена од оваа опозициска партија.
-Интерпелацијата ја темелевме на седум основи. Во меѓувреме вие сторивте уште три-четири скандали. Но, за ова со свадбата на Косово, за пеењето Шота на Втори август ќе оставиме да зборува недокваканиот Мицкоски, кој што ја оцени оваа уставна интерпелација како глупава! За првпат, без преседан, Собранието го направивте центар на анти-секуларни активности. Знаејќи го вмровскиот мајмунџилак, очекував сега во ваша одбрана и апологија, да речат дека можеби е дојдено времето, можеби во Собранието да имаме една соба за крштевки и сунети. Првата повреда е на членот 19 на Уставот, согласно кој верските заедници се одвоени од државата. Второто е дипломатското правило, прекршувањето на обезбедувањето ВИП личности. За разлика од Џафери, што беше мајстор за скандали, вие го надминавте за 100 дена. Направивте рафали од скандали и станавте велемајстор! Спротивно, дури и на Виенска конвенција, Вјоса Османи одбила да го даде на проверка багажот, а вие сте го пратиле вашиот телохранител, кој отишол таму да спроведува шерифска или улична правда, наведе Апасиев.
Како третото тој го наведе користењето на македонскиот јазик.
-Од конститутивната седница вие перманентно го прекршувате деловникот, затоа што тој не познава давање заклетва на друг јазик освен на македонскиот! Повредата на државните инсигнии, за кои никој не се замара, а тоа е законот за употреба на грбот, знамето и химната. Пракса која што ја воведе Заев, заедно со ДУИ и која што остана за време на вашата коалиција. Овој системски закон вели дека на објектот (собранието) се истакнува само македонското знаме. Петата точка е некопатибилноста на функциите кога на Талат Џафери му овозможивте два месеци да биде и пратеник и премиер. Вие прекршивте изрично 4 закони! – Сите наведуваат одредби дека не може да се биде во исто време и премиер и пратеник. Шестата точка, е анти-непотизмот. Кога приватните интереси превагнаа над јавниот интерес и вашата сопруга ја земавте во непотребната паралелна делегација од шест лица која ја кошташе државата 18 илјади евра во Вашингтон. Последно е перманентното ваше прекршување на деловникот!, нагласи лидерот на „Левица“.
Во свој одговор Африм Гаши рече дека не се работи за интерпелација на Африм Гаши, туку на профилот на поинаков лик на функционер.
-Ова не е интерпелација кон Африм Гаши, туку е интерпелација кон етничката и верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку е интерпелација во однос на добрососедските односи и заложба за повлекување на признавањето на Република Косово. Ова не е интерпелација кон наводната повреда на законот на јазиците, туку е интерпелација што изразува фрустрација и фобија кон албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку е интерпелација кон нашата стратешка ориентација, нагласи Гаши.
Претседателот на Собранието истакна дека не држи тврдењето за повреда на секуларноста на Собранието. Тој се осврна и на инцидентот на Скопскиот аеродром и нагласи дека неговата одлука била во насока на смирување на тензиите што се создале.
-Како претседател на Собранието морам да имам обезбедување. Јас планирав да отидам на аеродромот, а според безбедносниот протокол, обезбедувањето мора претходно да изврши проверка. Во однос на конкретниот настан, горд сум што се обидов да ги смирам состојбите и да не се стават под знак прашалник односите со Косово. Левица не може да се помири со фактот дека Македонија го призна Косово како држава. Нема да дозволам заради вашите фрустрации да се злоупотребуваат државните институции, рече спикерот Гаши.
Во однос на употребата на македонскиот и албанскиот јазик, Гаши рече дека сите законски одредби како и одредбите од Деловникот тој ги почитува и нагласи дека зборува на седниците и на македонски и на албански јазик.