Официјалната изборна кампања за претседател на Македонија е на прагот. Неофицијалната трае со месеци и се почесто има подметнувања, лажни обвинувања…
Но, еве за денеска се најавува дека кандидатите за претседател на државата ќе потпишат во Државната изборна комисија – Кодекс за фер и демократски избори.
Ќе ја промени тоа веќе започнатата траекторија која како да води кон конфликтност, исклучивост, поделби, подметнување…? Кандидатите кога ќе потпишуваат и искрено да помислат – што ќе остават позади себе по завршување на изборите.
Знаеме, сите ќе ветуваат дека доколку бидат избрани за претседател нема да прават поделби, раздор и нетрпеливост помеѓу граѓаните на Македонија. Епа, еве и за време на кампањата нека го прават тоа заедно со своите тимови. Нека стивне острата и исклучива реторика, нека не се мисли и прави како да се оневозможи политичкиот опонент, а повеќе нека се кажуваат своите идеи како би ја воделе земјата.
За време на најавениот настан ќе биле изавршени и со две групни фотографирања, едното на сите кандидати и другото, на сите кандидати со членовите на Државната изборна комисија.
Не е добро да добиеме фотки со лажни насмевки и исто такви пораки дека ќе имаме фер и демократски избори. Добро е ако веќе од утре покажат вистинска политичка култура.
На Македонија и треба соработка и почитување меѓу политичарите. Доста страдаше од спротивното.