Апел на РСБСП: Запознајте ги децата со сообраќајните правила

Неопходноста за помош и едукација од возрасните посебно е изразена кај децата од помала возраст, апелира денеска Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Во апелот се укажува дека децата се една од најранливите категории учесници во сообраќајот.

-Токму затоа неопходно е да се вложат заеднички напори за унапредување на нивната безбедност во сообраќајот. Треба да се има предвид дека тие се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата и да се посвети особено внимание на нивната едукација од областа на сообраќајните правила и прописи. Неопходноста за помош и едукација од возрасните посебно е изразена кај децата од помала возраст, информираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува:

– запознајте ги децата со сообраќајните правила и прописи,

– разговарајте со децата за нивното однесување во сообраќајот и за правилноста на постапките, укажете им како можат да ги намалат или избегнат ризиците по нивната безбедност во сообраќајот,

– укажете им на децата дека коловозот треба да се преминува само на обележан пешачки премин,

– помалите деца во сообраќајот треба да се движат држејќи за раката возрасен,

– децата во сообраќајот треба да се сконцентрирани (а не да користат мобилни телефони или слушалки) за да можат навремено и правилно да реагираат,

– пред да го преминат коловозот децата треба да застанат, да погледнат лево и десно, па дури откако ќе се уверат дека сите возила запреле и дека е безбедно, може да исчекорат за да преминат,

– укажете им на децата дека не е безбедно да се движат на паркинг за возила или да го преминуваат коловозот помеѓу две паркирани возила затоа што можеби возачите нема да можат да ги забележат,

– вклучете ги децата во одлучувањето кога и каде е безбедно да се преминува коловозот,

– препорачливо е децата да носат светла облека или облека со рефлектирачки делови за да бидат повидливи во сообраќајот,

– бидете пример за совесно и одговорно однесување во сообраќајот затоа што децата најчесто учат т.е. земаат пример од однесувањето на другите.

Претходна вестВанковска: На Силјановска треба да и понудиме членска карта во Левица
Следна вестРед партиски митинзи – ред работнички протести, министрите каде одат почесто?