Ванковска: На Силјановска треба да и понудиме членска карта во Левица

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска кампањата за претставување на својата програма ја продолжи со митинг во Велес. На митингот во Велес се обратија и претседателот на Левица и носител на листа на ИЕ1 Димитар Апасиев како и носителот на листа на ИЕ3, Борислав Крмов.

-Голема возбуда е да се биде овде. Доаѓам од спомен куќата на Кочо Рацин, а овде туку што ги слушав и неговите стихови. Пред самиот почеток на овој митинг додека си разговаравме со Димитар Апасиев тој рече ‘Нема револуција без поезија’. И вистина е така, а Велес е вистински пример за тоа, рече Ванковска.

На самиот почеток Ванковска истакна дека до сега била сама во кампањата, а од денес битката добива нов квалитет.

-Посакувам да го изодиме овој пат борбено, чесно и доследно. Она што нас не’ разликува од оние што трчаат на кратки патеки е тоа што ние трчаме маратон. Нас не’ не задоволува фотеља и позиција. Ние имаме кауза, истакна Ванковска.

Од говорницата во Велес Ванковска кажа дека во овој град доаѓа само еден ден по нејзиниот главен ривал Гордана Силјановска.

-Нејзиниот настап вчера го проследив со внимание. За момент помислив дека на Силјановска треба да и понудиме членска карта на Левица. Се повикува на Рацин, на Денови, на аргатски маки големи…, што мислиш дека се завртила на другата страна. Кој кого фолира и кој се обидува да го заведе народот ќе видиме за скоро време. Како може да зборувате за социјална држава и социјална правда, а пред вас во првите редови да седат најбогатите. Таа зборува за најсиромашните, а не го гледа лидерот на својата партија кој и обезбеди над 300 илјади евра за кампања, рече Ванковска.

Ванковска на митингот обелодени дека е закажана и дебата на претседателските кандидати која е закажана во недела на Македонската телевизија. Но, како што истакна дебатата ја прифатиле пет од седум претседателски кандидати. Двајцата кои не прифатиле се актуелниот претседател Стево Пендаровски и актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Претходна вестСАД ставија вето на приемот на Палестина во ОН; за прием гласаа Кина, Русија, Јапонија…
Следна вестАпел на РСБСП: Запознајте ги децата со сообраќајните правила