Арачиновец сакал да прегази двајца аеродромци пред ТЦ „Бисер“, потоа ги пробол со нож

Истражна постапка против 33-годишник од Арачиново, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство во обид и предизвикување опште опасност поведе Основното јавно обвинителство Скопје.

Обвинителството денеска соопшти дека на 11 септември, осомничениот се обидел со умисла да лиши од живот две лица, кои вербално протестирале затоа што со голема брзина управувал автомобил „Ленд ровер“ по плочникот кај трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром, предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на луѓето.

-Во моментот кога оштетените му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди, се наведува во соопштението.

Се додава дека во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје  достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.

Претходна вестПрв Фестивал за миленици „Пет фест Скопје“
Следна вестПровалена запечатена просторија на ДИК, се проверува дали нешто недостасува