На две места во локалитетот Скупи, на 5 мај, почнуваат систематски археолошки истражувања како и непосредна конзервација на дел од движните археолошки наоди.
Под координација од страна на Марина Ончевска-Тодоровска – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум, кој превидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта – римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум. На втората локација, под водство на Ленче Јованова – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Villa urbana) и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од VI век.
Стручните екипи на Музејот на град Скопје ќе изведуваат и активности поврзани со конзервација на многуброен движен археолошки материјал, откриен на повеќе локации од локалитетот Скупи во претходните години, покрај тоа, ќе се преземаат и активности за тековно и сезонско одржување на локалитетот со отстранување трева и дива вегетација, кои, поради природата на проектот се одвиваат во текот на целата година.