Архивите на меѓународното кривично судство и ноќните мори на Али Ахмети

Колумна на Ивица Боцевски:

Зошто меѓународното кривично судство е „дамоклов меч” над главата на Али Ахмети? Во дваесеттиот век човештвото на двапати се обиде со помош на правото да ја обезакони војната (меѓудржавна и граѓанска). Во 1928 година Франција, Германија и САД го потпишуваат познатиот Општ договор за одрекување од војната како инструмент на националната политика, попознат и како Брајан–Келог пакт. Договорот сè уште е на сила, а Македонија е една од ретките европски земји која што не го потпишала и ратификувала.

Нормално, овој правен акт е критикуван од бројни теоретичари на правото, политичката наука и меѓународните односи заради неуспехот да ја спречи Втората светска војна, но одредбите од овој пакт послужиле како правен основ за Нирнбершките и Токиските трибунали за злосторства против човештвото.

Светот се обиде повторно да ја обезакони војната по крајот на Студената војна. Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија требаше да ги казни сите водачи кои што го загрозија мирот на југословенските граѓани. Воедно, Европската Унија, тогаш во раѓање, сериозно ја поддржа работата на Хашкиот трибунал, повторно со надеж дека војната ќе се обезакони на европскиот континент. За жал, и тука повторно реалноста ги поништи добрите намери, но сепак се роди Меѓународниот кривичен суд како постојано судско тело кое што треба да ги гони злосторствата против мирот, дефинирани како планирање, отпочнување и извршување на обемни и сериозни дејствија на агресија со употреба на воена сила.

Не може да се избрише фактот дека македонскиот конфликт од 2001 година влегува во оваа дефиниција. Мултиетничката македонска демократија се бореше против моноетничка герила, насочена кон менување на границите и етничко чистење. Оваа воена структура која што го загрози мирот на сите македонски граѓани ја водеше Али Ахмети.

Нормално, геополитиката често умее да го успори правото, но не и целосно да го сопре. Во Македонија по демократизација и осамостојувањето се одвиваше јасен демократски процес за надминување на меѓуетничките разлики и интеграција на албанската заедница. Конфликтот од 2001 година беше непотребен, предизвикан од етнички национализам и од организација со чудовишни политички цели (менување граници и етничко чистење). Секако дека некаде во фиоките на меѓународното кривично судство се наоѓа оформен предмет за тие што го загрозија мирот на македонските граѓани во 2001 година. Кога ќе дојде моментот кога ќе влезе во процедура овој предмет е вечната ноќна мора на Али Ахмети.

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: На заминување сакаат да украдат 9 милијарди денари
Следна вестЕдностраните потези на Косово ќе имаат последици, вели Ескобар