На Скопје со години му требаат нови улици. Скопје со години и чека локалните власти да му направат нови улици. А има и примери кога главниот град на Македонија со години чека улици кои се почнати да се градат да бидат завршени.
Една таква почната и незавршена улица е „Есенинова“ која треба да ги спојува општините Кисела Вода и Аеродром. Пешаци, но и по некој велосипедист се единствените минувачи кои поминуваат по неа, а предвидена е за автомобили. Така е веќе се месеци откако се прекинати градежните работи на оваа нова сообраќајница предвидена да биде долга 730 метри. Најголемиот дел од нејзината траса е веќе направен и асфалтиран, а останато е само мало парче не подолго од стотина метри. Околу него стојат паркирани градежни машини, оставени канализациски цевки, кабли…
Што се чека?
Секој намерник може да види дека за уривање чека постар објект кој одамна е напуштен. Тој пречи да се дозаврши улицата. Зошто тоа не се среди, зошто не било средено пред да почне да се гради улицата?
Пред него паркираниот багер стои веќе подолго време но команда да се продолжат градежните работи никој не ја дава.
-Секој ден поминувам оттука бидејќи ми е најбрзо пеш да дојдам од Кисела Вода каде живеам до железничката станица. Не ми е јасно зошто улицата не се завршува. Не треба уште многу да се заврши, а ќе биде од голема корист на граѓаните, ни рече Весна М. која вчера ја затекнавме како поминува по трасата на оваа сообраќајница.
Улицата почна да се гради во август 2020 година во време на мандатот на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов. Тој тогаш најави дека ќе биде готова до средина на минатата година. Но, тоа не се исполни и до застојот во работата дојде во периодот на минатогодишните локални избори. На изборите скопјани ја казнија „брзината“ во работењето на Шилегов. По доаѓањето на градоначалничка функција на Данела Арсовска и оваа сообраќајница беше меѓу оние проекти кои беа подзаборавени. Таа најави дека ќе ги заврши сите почнати проекти. Но, за разлика од мостот „АСНОМ“ и на улицата „Васил Карангелески“, каде по неколку месеци пауза работите некако продолжија, на оваа улица се уште нема поконкретна активност.
Во меѓувреме, крстоницата кај Тутунски комбинат и натаму е главна сообраќајна врска од Кисела Вода за општина Аеродром. Поради бројноста на возилата таа е често задушена и е голем извор на аерозагадување. Идејата со изградбата на улицата „Есенинова“ беше да се растовари оваа крстосница.
Новата градска власт не треба да ја заборави улицата на Шилегов. Да се надеваме дека 100 метри улица нема да се прави со години.