Арсовска менуваше директори, направи партија, а сега на ред ли е средувањето на Скопје?

Скопје има многу проблеми и чека најповиканите да ги решаваат. Меѓу најповикуваните секако е и градоначалничката Данела Арсовска. Ќе одоговори ли таа на задачата за која е избрана и платена?

Арсовска од синоќа доби и нова улога – стана лидер на политичка партија. Тоа ќе ја засили нејзината работа или ќе ја разводни? 

Времето брзо ќе го покаже. Но, она што е јасно е дека односите и состојбите во Градот Скопје сега се многу појасни.

За потсетување: Арсовска беше избрана за скопската градоначалничка на локалните избори во октомври 2021 година со значителна помош на ВМРО-ДПМНЕ. Но, од средина на 2022 година се случи заладувањето на односите меѓу неа и раководството на оваа партија при што таа обвини дека ставеле „рачиња во мед“ со  обиди за влијание во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на скопската пречистителна станица. Оттогаш, се прекинаа односите, се случуваа постојани конфронтации, кавги, како на седници на Советот, така и вон него… Како со ВМРО-ДПМНЕ, така и, помалку, со СДСМ  Тешко одеше усвојувањето на проектите, тешко се носеа одлуките, а резултат на сето тоа е бавната реализација на најважните проекти коишто Арсовска ги ветила во изборната кампања.

Арсовска направи и бројни смени на директори на скопски јавни претпријатија во чии фотељи се сменија околу 40-сетина кадри. На некои места и по неколку пати имаше смени. Бараше добри работници.

Епа, сега по две години себеорганизирање, ќе дојде ли на ред посериозното работење за подобро Скопје?

Чекаат реалозација многуте ветувања за паркови, нови булевари, гасификација на градот, 250 нови еколошки автобуси, бесплатен јавен превоз, сообраќаен коридор „Мавровка“, најдобар Луна парк на Балканот, зелен спортски кеј од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, зелен коридор – Серава и Лепенец, нов објект за Скопски саем, жичарница од Скопје до Средно Водно, нов ГУП, садење на 100.000 дрвја секоја година…

 

Претходна вестМлад градежен работник загина на градилиште во скопски Центар
Следна вестМакедонскиот атлетичар Дарио Ивановски доби елитен статус за настап на маратонот во Севилја