Арсовска открива: Градските советници ја одбија понудата тие да ја водат јавната набавка на автобуси

Скопската градоначалничка Данела Арсовска им понудила на Советниците во Советот на Град Скопје да ја водат целата набавка на нови автобуси за потребите на ЈСП „Скопје“ но тоа било одбиено.

Според неа ова е најдобар показател дека советниците немаат искрена намера и единствена цел им е да ја блокираат оваа набавка во интерес на скопјани.

-Им предложив на советниците доколку тие сакаат да ја превземат одговорноста и обврската тие да ја одберат банката која што кредитира и да одберат услови кои треба да се објават за да имаме јавна набавка. Буквално за да се реализира сето она кое што треба за да биде под условите како што тие сметаат за да не покренуваат било какви сомнежи ете тие нека креираат услови и тие нека одберат начин финансирање и кој ќе финансира и под кој услови и како ќе се објавува јавна набавка па дури и целиот процес нека го тераат. Тука видовме дека не е искрена намерата. Да сакале да биде тоа јавно и транспарентно ќе речеа во интерес на граѓаните ние го правиме ова, изјави Арсовска во своето гостување во Студио 10 на Телевизија 24.

Градските советници на последната седница по третпат го одбија предлогот на Арсовска за задолжување од 10 милиони евра за набавка на нови автобуси.

-Едните имаат пред неколку години набавено иста бројка на автобуси. Тогаш сметале дека за граѓаните на Скопје е нормално да имаат постојано нов возен парк и да можат граѓаните да се возат во нови и современи автобуси и да може да има стандарди и да се исфрлат од употреба оние кои што имаат пониско еколошки стандарди и оние кои што повеќе загадуваат. На другите само провизии им се во главите, тоа е веќе фројдов комплекс. Јас сум еден човек кој што сака да направи промени, и позади себе и покрај себе ги имам само граѓаните. Не верувам дека има човек во Македонија на кој што не му е јасно дека нема да се борам вака силно доколку се сомневам во истото што го правам, вели Арсовска.

Претходна вестОд 30 контролирани дуќани на „Пластичарска“ улица 28 не издавале фискални сметки
Следна вестУкрадена бистата на Цветан Димов од Градски парк