Арсовска: Превозниците парите да си ги бараат во „Слобода превоз“, ЈСП додека не почнаа протестите редовно плаќаше

Парите што ги побаруваат приватните автобуски превозници треба да си ги побараат во фирмата „Слобода превоз“ на којашто ЈСП „Скопје“ редовно и исплатуваше средства се додека не започнаа протестите, порача синоќа скопската градоначалничка Данела Арсовска. Во интервју за „360 степени“ Арсовска вината за сообраќајната парализа од изминатите денови Арсовска ја лоцира кај здружението „Слобода превоз“.

-Јас на телевизија видов луѓе што изјавија дека по неколку месеци не им е исплаќано. Граѓаните треба да знаат дека Град Скопје има договор само со едно правно лице и нему континуирано му се исплаќа, а еве ги секојдневните исплати. Е сега како, колку и дали тоа правно лице исплаќало, ние не знаеме. До 8 ноември, додека не почнаа овие протести и блокади, ЈСП редовно си исплаќаше до „Слобода превоз“. Ние знаеме колку средства се исплатени и инстуциите си имаат начин да постапат и да се види која е вистината. Оној што ја направи целата збрка реши да се повлече, да се изолира и тоа доволно кажува. Ниту еден од овие луѓе кои велат дека сакаат чесно да си го заработат лебот нема да дозволиме да остане на улица. Но, некој да манипулира, да тера политика преку нив и да се обидува да го парализира градот – тоа нема да го дозволиме, особено не со закани и со уцени, рече Арсовска.

Таа додаде дека ако некое правно лице смета дека има некаков долг, правдата може да си ја бара преку институционален пат. Според неа, несериозни се тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека од јавниот превоз во Скопје ги истиснува „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, за бизнисот да го преземе бугарска фирма.

Градоначалничка најави дека жителите на главниот град ќе добијат реформиран автобуски превоз, како одговор на новинарското прашање – дали ќе се реализира проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ). Таа вели дека преговорите за проектот се во финална фаза, а решение очекува за две недели. Оформени биле два тима што работат на одредени предизвици во решенијата и на нивна елиминација.

-Ќе се реализира решението што значи подобрување на инфраструтурата и автобускиот превоз во градот, меѓутоа она што беше понудено како проект имаше три опции. Едната опција, која во тој момент ја најавуваше тогашниот градоначалник, претпоставува и некои законски измени, одредени студии за кои, за жал, ќе треба повеќе години за да се реализираат, а треба и изведба на одредени градежни зафати за кои ќе требаат по пет или шест години да се реализираат, меѓу кои, треба студија за главниот цевковод што го снабдува Скопје односно целата водоводна мрежа што оди по „Партизанска“, треба изградба и на нов мост „Обединети нации“, доколку во тој дел проектот би се реализирал на тој начин, рече градоначалничката на Скопје.

Таа се решила за друга опција. Според Арсовска, имало многу работи што биле предмет на ревизија, но и предизвици што требало да се отстранат за проектот да може да се реализира веднаш.

Претходна вестПотпретседателката на ЕУ парламентот Ева Каили уапсена поради корупција
Следна вестОпасно е иднината да ни стане минато!