Петре Шилегов и СДСМ на само една година пред локалните избори, во сериозна криза и рецесија во којашто се наоѓаме како држава во моментов, вработуваат 135 луѓе во Град Скопје по партиски клуч, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
-Нови 135 луѓе по насока на штабот на СДСМ ќе се вработат кај Петре Шилегов и годишно овие луѓе, овие 135 вработувања ќе ги чинат граѓаните над еден милион евра. Изминативе година дена над 50.000 луѓе ја загубија својата работа како резултат на неспособноста на СДСМ да се справи со економската криза предизвикана од корона-пандемијата, но затоа Заев и Шилегов вработуваат 135 луѓе по партиски список.
За да биде апсурдот поголем, во Град Скопје се вработува личен возач на Петре Шилегов, за кого претходно најавивме дека е роден 2001 година и законот не дозволува да вози нов автомобил со високи перформанси. Автомобилот ‘фолскваген пасат’ кој ќе му биде доделен на новиот личен возач на Петре Шилегов, кој има само 19 години, не смее да го вози човек без 2 години возачко искуство, а нормално момче родено 2001 година со полни 19 години никако не може да ги исполнува условите бидејќи би требало да полага во тој случај на 17 години, што е невозможно. Најголем апсурд е што се вработува нов личен возач на Петре Шилегов, а во Град Скопје има дури 19 возачи коишто веќе се во работен однос.
Понатаму, на определено време се вработува раководител на сектор за заштита на животна средина. Ниту се видело ниту се чуло раководител во сериозна институција како Град Скопје да биде вработен на определено време. Ова е апсурд најголем на свет, бидејќи оној кој треба да биде одговорен за цел еден сектор на вработени не е со постојано вработување во Град Скопје.
Едно од вработувањата е и советник за јавно осветлување. Може Шилегов да излезе и граѓаните сами ќе му кажат каде не функционира осветлувањето. Не му е потребен човек да го советува кои канделабри се прегорени или кои светилки се искршени.
И за крај, сметаме дека фали уште едно вработување, 136-то на број, и му даваме идеја на Шилегов да вработи советник за уличните кучиња скитници, бидејќи изминативе три години граѓаните се испокасани од кучиња скитници поради неговата негрижа да се справи со истиот проблем, истакна Арсовски.