На денешен ден во 1873 година во охридското село Лактиње е роден македонскиот револуционер, член на Македонската револуционерна организација и охридски војвода, Дејан М. Димитров – Карпата. Познат и под името Дејан Војвода, водел многу успешни борби со османлиската војска и башибозукот во охридско, учествувал во подготовките за Илинденското востание за чии потреби набавувал оружје, а бил дел и од Смилевскиот конгрес.
Тој работел како каменорезец и сам учел да чита и пишува, по што почнал да чита книги со револуционерна содржина. Исполнет со бунтовнички дух, на 28 години станал член на Македонската револуционерна организација, неколку месеци подоцна, на 6 јули 1901 година, станал комита во новоформираната чета на војводата Тале Горанов. Една година подоцна бил назначен за подвојвода на војводата Никола Русински и делувале во охридска Дебарца.
Во 1902 година бил назначен за војвода на чета, по што водел успешни борби со османлиската војска и башибозукот во охридско. Четата на Димитров го ликвидирала крволочниот сејмен Ризо, како и серија предавници од охридско.
Во средината на март 1903 година, во екот на подготовките за претстојното Илинденско востание, тој и четата биле опколени од турскиот аскер, но успеале да го пробијат обрачот. До почетокот на Илинденското востание тој успеал да обезбеди дури 270 пушки, а учествувал и во низа востанички борби.
Од средината на јуни до крајот на 1905 година, Карпата заедно со четата дејствувал во велешко, а потоа во охридско, каде бил помошник на војводата Петар Чаулев. Во пресрет на Првата балканска војна Дејан, неочекувано бил уапсен и спроведен во затворот во село Песочани каде бил страшно мачен, а со цел да го заплашат населението, тој бил врзан со алка на вилицата воден по селата каде што бил војвода.
По долгото изживување, на 10-ти септември 1912 година, Дејан бил изведен во атарот на село Песочани – охридско, бил врзан со јаже и пуштен во вода додека не се онесвестил. Откако бил изваден, го врзале за столб, го полиле со запаллива течност и жив го запалиле.